ВЕТЕРАНИТЕ РАТКА ДИМИТРОВА И ИСМЕТ РАМАДАНИ ОД ПРВИОТ ПАРЛАМЕНТ СО ШАРЕНИТЕ ПРОТИВ ЕДНОУМИЕТО

    ВЕТЕРАНИТЕ РАТКА ДИМИТРОВА И ИСМЕТ РАМАДАНИ ОД ПРВИОТ ПАРЛАМЕНТ СО ШАРЕНИТЕ ПРОТИВ ЕДНОУМИЕТО

    Чаталот со две тегнала ја обои белата фасада на Владата како никогаш досега. Балоните ги погодија и прозорците, а на дрвената влезна врата се разлеа црвена боја. Секој погодок се поздравуваше со аплауз и со паролата „Да ја освежиме Владата“. „Грујо во апартман во Идризово“ е новата порака за Никола Груевски која се скандира пред Влада. На демонстрантите им се обрати Ратка Димитрова, координатор на првата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот од 1991 година.

    „Ако ме прашате зошто тогаш, како човек од уметноста, културата, влегов во Парламентот и станав политичар,ќе ви кажам дека целта беше да борам против едноумието. Пред 25 години влегов во Парламентот за на избори да ја донесеме слободата, а сега дојде време од улица да се вратиме во Парламентот за да ја вратиме слободата. Нема правда, нема мир“, рече Димитрова.

    vlada oboena

    Чаталот овој пат успеа да ја обои и дрвената врата на Белиот дворец (Фото: СДК.МК)

    Заедно со шарените вечерва е и нејзиниот колега од првиот состав на Парламентот Исмет Рамадани од ПДП.

    „Дали знаете кој е стројникот на Никола Груевски за аболицијата? Ќе ви кажам, тоа е Али Ахмети. Шарената револуција, ние Албанците, Ромите, Турците, Бошњаците и сите други нема да дозволиме аболицијата да остане на сила. Али е стројникот на Груевски“, рече Рамадани.

    Шарената револуција вечерва по скратен пат тргна кон Влада. Место како вообичаено покрај МНР и преку мостот „Гоце Делчев“, шарените се вратија назад и минаа под Триумфалната капија. На удар на пушките со боја беше мермерот на Портата, но од страната кон Плоштад. Демонстрантите напишаа „Слобода наместо страв!“, фрлаа и балони со боја па од Портата речиси нема необоено делче.

    На пат кон Влада тие застанаа и на Плоштадот Македонија, пред хотелот „Мериот“ кој е дел од проектот „Скопје 2014“. Го исвиркаа поранешниот премиер Никола Груевски за кого претпоставуаа дека е на прием на Полската амбасада во хотелот. Скандираа „Шутка не ти бега Никола“ и „Никола оставка“ и го продолжија патот кон Влада.

    Чаталот со тегнала на специјалната единица за боење на Шарената револуција и вечерва го боеше Собранието. Бојаџијата ја усоврши техниката па легнат на асфалтот, за да ги истегне повеќе тегналата, нозете ги потпира на тротоарот.

    Демонстрантите носат транспаренти „Молкот е еднаков на смрт“, „Шарам правда барам“ „Збогум Никола“, „Изрод по изрод револуција“, слушаат патриотски песни, снимки од изборните нерегуларности и се подготвуваат за поход кон Влада.  Таму веќе е поставен бина за вечерашните говори.

    Македонија во која институциите им служат на граѓаните и го штитат јавниот интерес и Македонија во која никој не е стигматизиран и тепан. Шарената револуција бара итно поништување на одлуката за одржување на изборите на 5 јуни, поништување на одлуката за аболиција на оние против кои е поднесено обвинение од страна на СЈО, оставка од Ѓорге Иванов, формирање специјално одделение на Кривичниот суд надлежно за случаите на СЈО и формирање преодна влада која докрај ќе ги имплементира идните реформски приоритети од извештајот на Прибе.

    „Се до исполнување на осумте барања, наша единствена арена се улиците и плоштадите, нашата борба здружена, нашиот продорен и јасен!“, најави граѓанското движење „Протестирам“ на Фејсбук.Денес за првпат се протестира во Неготино, блокади на патот има во Чешиново-Облешево, а се протестира и во Кочани, Охрид, Струмица, Битола и Прилеп.
    М. ИЛИЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира