Соодветно го третираме медицински отпад, а видеоснимката која ја презентираше градоначалникот Петре Шилегов не е веродостојна, вели Сашо Јанакиевски, кој од јули 2019 година е малцински сопственик на фирмата „Еко клуб“. Тој вели дека никогаш несоодветно медицински отпад не се носел на „Дрисла“, туку секогаш го третирале во стерилизаторот и така неопасен го носеле како комунален отпад на депонијата.
„Видеото што излезе не е веродостојно за тоа како се третира медицинскиот отпад. За веродостојноста на видеото има институции кои ќе решаваат во понатамошната постапка. Од нашиот погон никогаш нетретиран отпад не се носел на ’Дрисла‘, како што се тврди од градоначалникот Петре Шилегов“, вели Јанакиевски.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК како видеото не е веродостојно кога на него се гледа крвав медицински отпад во камиони и како кучиња го развлекуваат, Јанакиевски вели дека тоа е погон каде се преработува отпадот.
„Снимката е направена во 23 часот кога погонот не работи, тој камион што е снимен не е точно дека се движел по улици, медицинскиот отпад не се пренесува така туку складиран во контејнери. Кучиња има и на ’Дрисла‘ кои го развлекуваат ѓубрето. Ние имаме 24 часовен надзор во погонот и снимките како работиме може секоја надлежна институција да ги добие“, вели Јанакиески.
Фирмата „Еко клуб“ која од лани има германски сопственик девет години работи со преработка на медицински отпад. Лани на „Дрисла“ депонирале околу 400 тони преработен медицински отпад, кој како неопасен е депониран на депонијата. Во печката медицински отпад биле согорени 4,9 тони, а Јанакиески вели дека тоа е патолошки отпад односно органи кои ги подигнуваат од здравствените установи и кои не се третираат во стерилизаторот.
На нашето прашање зошто во вторникот по пресот на градоначалникот Петре Шилегов депонирале 1,7 тони медицински отпад за горење во печката, а не го преработувале како што постојано прават, Јанакиевски вели „решивме дека во моментот е подобро да не стојат на плацот за да не се прави дополнителна хајка против нас“.
Јанакиевски вели дека до сега не бил повикан да даде исказ во Обвинителството, но стои на располагање на сите надлежни органи.
А. АНТЕВСКА