ВИДОВ 4 ТЕЛА НА СМИЉКОВСКОТО ЕЗЕРО НА 12 АПРИЛ 2012, ОДГОВОРИ ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК ВО „МОНСТРУМ“

    ВИДОВ 4 ТЕЛА НА СМИЉКОВСКОТО ЕЗЕРО НА 12 АПРИЛ 2012, ОДГОВОРИ ЗАГРОЗЕНИОТ СВЕДОК ВО „МОНСТРУМ“Одбраната се обидува со прашања и детали да го девалвира загрозениот сведок, бидејќи се сомнева дека ја зборува вистината; - од судењето за „Монструм“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    На 12 април 2012 година кај Смиљковското Езеро видов 4 тела, одговори загрозениот сведок во продолжението на судењето за случајот „Монструм“ на СЈО за петкратното убиство кај ова езеро. Одбраната се обидува со прашања и детали да го девалвира загрозениот сведок, бидејќи се сомнева дека ја зборува вистината.

    Во обид да ја провери и оспори меморијата на загрозениот сведок во „Монструм“, адвокатот Асмир Алиспахиќ претходно 15 минути го прашуваше како биле облечени тој и колегата адвокат Насер Рауфи минатиот пат. Сведокот од друга просторија, чие сведочење оди без лик и со мутиран глас, опиша точно како биле облечени адвокатите и обвинетите кои ги препозна дека биле на Езерото непосредно пред да се случат убиствата.

    На минатото рочиште на 22 август, кое се прекина поради замор на заштитениот сведок, тој како присутни секој ден наназад и на 12 април 2012 година на денот на убиствата, ги препозна присутните обвинети во судницата Фејзи Азири, Агим Исмаиловиќ и Сами Љута. Во судницата беше и Хаки Азири, обвинет дека по свирепото убиство обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ ги одвезол до косовската граница, откога се во бегство.

    Кога ја сврте камерата судијата кон публиката, загрозениот сведок рече дека препознава меѓу присутната јавност „уште некој“, но дека од сигурносни причини нема, да каже кој е тој.

    Судијата Огнен Ставрев одговори денеска дека добил писмо од министерката Рената Дескоска-Тренеска дека постапката за екстрадиција на двајцата избегани е во процедура.

    На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.

    За случајот „Монструм“ обвинети се вкупно 6 лица. Им се суди во Основниот суд Скопје 1, организиран криминал, по втор пат.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира