ПАК НА МЕНЕ ОСТАНА САМ ДА СПАСУВАМ, СИТЕ ИЗБЕГАА ОД ОДГОВОРНОСТ, ТВРДИ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА ЧАВКОВ, КОЈ ПРАТИ ПОЛИЦИЈА ВО СОБРАНИЕ ДУРИ ОТКАКО СЕ РАШИРИ ЛАЖНА ВЕСТ ДЕКА СЕЛА Е МРТОВ

    ПАК НА МЕНЕ ОСТАНА САМ ДА СПАСУВАМ, СИТЕ ИЗБЕГАА ОД ОДГОВОРНОСТ, ТВРДИ ПРЕД АПЕЛАЦИЈА ЧАВКОВ, КОЈ ПРАТИ ПОЛИЦИЈА ВО СОБРАНИЕ ДУРИ ОТКАКО СЕ РАШИРИ ЛАЖНА ВЕСТ ДЕКА СЕЛА Е МРТОВОд спроведувањето на обвинетите од притвор на јавна седница на Апелациониот суд. (Фото: СДК.МК)

    Вишата обвинителка Валентина Стојановска, откако ги ислуша адвокатите, од Апелациониот суд Скопје побара да ги отфрли сите жалби на 16-темина осудени вкупно на 211 години казна затвор за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година.

    За главната забелешка дека во обвинението и во првостепената пресуда не е утврдено ниту што направил и каква улога критичната вечер имал секој од обвинетите,  а и тоа дека нема докази за поврзаност на групата и добра организација на насилствата, обвинителката кажа:

    „Од неспорните докази видливо е дека секој од осудените имал точно утврдена улога и кривични дејствија пред и на 27 април 2017 година. Не е точно дека обвинетите не се познавале, тие толку добро го организирале и го извеле нападот”.

    Потоа за секој осуден одделно кажа што направил таа вечер, со посебен осврт на пасивната улога на полицијата со што беа загрозени животите и здравјето на пратеници, новинари и граѓани, падна крв, а Собранието беше искршено.  Посебно се задржа на улогите на Митко Чавков, Душко Лазаров и на Митко Пешов, за кои кажа дека  цело време биле известувани за хаосот и насилствата во Парламентот,  биле во тек а ништо не сакале да преземат.

    Од место некои обвинети довикнаа: „Каде ви се амнестираните пратеници обвинителке во приказнава?”.

    Обвинителката Стојановска кажа дека се согласува со ослободителната пресуда за Игор Дурловски, еден од водачите на протестите „За заедничка Македонија”.

    Од обвинетите прв збореше поранешниот специјалец од МВР Митко Пешов, кој кажа дека не може да му се импутира нему кривична одговорност, бидејќи немал ниту златна, ниту сребрена, ни бронзена команда.

    „Прочитајте ги внимателно исказите на сите сведоци, ако најдете едно нешто што ќе ме инкриминира, јас ќе си ја одлежам казната”, рече Пешов, осуден на 15години затвор.

    По него збореше Лазаров, осуден на истоветна казна.

    „Јас без никаква вина сум обвинет и осуден, а сега без никаква вина пак објаснувам пред јавноста дека сум невин во оваа игра на зборови против мене. Морам да се спротивставам на тенденциозно донесена пресуда против мене, со паушални и измислени факти”, рече Лазаров, кој кажа дека бил член на оперативен штаб, а не бил во златната, сребрената или бронзената команда.

    А златната команда Чавков, пак, после сите денешни изјави на обвинетите од МВР дека таму функционира хиерархија, а не кому како ќе му текне да постапува на терен, рече дека тој бил единствениот што постапил при тепањето на пратениците и кршењето на Собранието.

    “Не верувам што ми се случува, обвинет сум за тероризам со непостапување. Не може директор на полиција да одговара за се што се случува на терен. Си има старешини, секој си има надлежности и одговорности. Но пак остана на мене да реагирам, зашто сите се самозаштитија. Реагирав и затоа и затоа не можеа луѓето да ги отворат собраниските врати, се додека одвнатре не беа отворени”, рече Чавков, осуден дека не издаде команда за сузбивање на организираниот напад на Собранието и не ги спречи крвавите насилствата повеќе од 2 часа, се додека не се проширибпогрешна вест дека Зијадин Села е мртов, а претепаниот Зоран Заев е заробен во прес салата сам со неколку пратеници и очи в очи со грамадните маскирани лица.

    Ослободителни или ублажени пресуди побараа и Горан Ѓошевски, Оливер Поповски, Оливер Радулов , Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Алекасндар Василевски-Нинџа, Младен Додевски, Јане Ченто, Горан Ангелов-Ќосето, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Трајковски и Никола Митревски-Кољо. Последните двајца кажаа дека сами се пријавиле и не бегаат од одговорноста.

    “Криви сме што бевме таму, но не направивме тероризам”, признаа двајцата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира