ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ХАЗБИ ЛИКА ДВА МЕСЕЦА НЕ ДОАЃАЛ НА РАБОТА ВО ВЛАДАТА ОТИ МУ Е ЛУТ НА АХМЕТИ

    ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ХАЗБИ ЛИКА ДВА МЕСЕЦА НЕ ДОАЃАЛ НА РАБОТА ВО ВЛАДАТА ОТИ МУ Е ЛУТ НА АХМЕТИПоради отсуството на Лика не доаѓа на работа, блокирано е и прераспределувањето на вработените по Рамковниот договор. - Хазби Лика на владина седница меѓу премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска (архивска фотографија)

    Вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика веќе два месеци не оди на работа. Како што велат владини извори за САКАМДАКАЖАМ.МК, Лика не доаѓа во кабинетот поради тоа што е револтиран од лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој во една внатрепартиска битка не го поддржал, туку застанал на страната на друг висок партиски функционер. Тој не беше присутен и на вчерашната владина седница.

    Бидејќи Лика не доаѓа на работа, блокирано е и прераспределувањето на вработените по Рамковниот договор кои не одат на работа, а земаат плата на места кои се соодветни на нивното образование. Лика не дојде ниту на семинарот РОС-РОТ, организиран минатата недела од парламентарното Собрание на НАТО што се одржа во Собранието, иако беше најавен како еден од говорниците.

    Од владината служба за информирање велат дека вицепремиерот работи во Владата, а за подетални информации упатија да се јавиме во неговиот кабинет.

    Го побаравме вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор на службениот фиксен број, каде што ни рекоа да испратиме прашања. Лика не беше достапен ни на мобилниот телефон, да каже зошто не оди на владините седници. И на прашањата испратени по е-пошта до кабинетот на вицепремиерот не добивме никаков одговор.

    Вицепремиерот Лика беше во крилото на ДУИ кое се спротивстави за повторно коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ по изборите во декември 2016 година. Тој заедно со потпретседателите на партијата Невзат Бејта и Теута Арифи остро се спротивставија на повторното формирање влада со Никола Груевски, па Ахмети во последен момент, наместо со долгогодишниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, коалицираше со СДСМ.

    Извори од ДУИ велат лидерот Ахмети го ставил Лика за вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор за да го неутрализира незадоволството на крилото од поранешните команданти на УЧК, каде тој бил влијателен.

    Лика во 2003 беше заменик-министер за внатрешни работи. Од 2005 до 2009 беше градоначалник на Тетово. Во 2009 повторно се кандидираше, но изгуби од Сади Беџети од ДПА.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира