ПРИСТИГНА СПЕЦИЈАЛНИОТ ЕКОНОМСКИ СОВЕТНИК ОД ГЕРМАНИЈА, МУ ПРЕНЕСЕ ПОЗДРАВИ НА ЗАЕВ ОД МЕРКЕЛ

    ПРИСТИГНА СПЕЦИЈАЛНИОТ ЕКОНОМСКИ СОВЕТНИК ОД ГЕРМАНИЈА, МУ ПРЕНЕСЕ ПОЗДРАВИ НА ЗАЕВ ОД МЕРКЕЛПремиерот Зоран Заев на средбата со специјалниот советник за унапредување на економските политики д-р Валтер Дефа и германскиот амбасадор Томас Герберих (Фото: Влада на РСМ)

    Владата од денес има специјален советник за унапредување на економските политики, д-р Валтер Дефа кој е испратен од владата на Сојузна република Германија. Премиерот Зоран Заев денес се сретна со д-р Дрефа и со германскиот амбасадор Томас Герберих.

    Валтер Дефа е долгогодишен претставник на СР Германија во Европската Комисија, каде што извршувал повеќе должности меѓу кои и директор на Генералниот директорат за регионална политика, а тој раководеше и со Генералниот директорат за даноци и царини на Европската Комисија.

    „Валтер Дефа, кој како искусен професионалец се очекува да даде поддршка на Владата во спроведување на економските политики, ги пренесе поздравите од канцеларката Ангела Меркел, на чија иницијатива се реализира неговиот ангажман во нашата земја. Тој изрази задоволство што во наредниот период, заедно со премиерот Заев и со тимот економски министри ќе може да соработува на унапредување и имплементација на економските политики“, велат од Владата.

    На првата средба Заев и Дефа разговарале за приоритетите за економски раст на земјата и во однос на зајакнување на економските врски со ЕУ и со земјите членки. Од Владата велат дека Заев на средбата со Дефа истакнал дека меѓу приоритетите е профилирањето на стручна работна сила за потребите на странските инвеститори, меѓу кои се германските компании присутни во земјата.

    „На средбата беа споменати реализацијата на инфраструктурните проекти за подобро поврзување со соседите, зголемување на регионалната економска соработка, енергетските проекти, и споделувањето на искуствата за европските фондови за побрз економски развој и подобрување на животниот стандард и квалитетот на животот на граѓаните“, велат од Владата.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира