ВЛАДАТА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ДА ПОЧНАТ КАТАСТАРСКИТЕ ПРОМЕНИ ЗА ИЗГРАДБА НА НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

    ВЛАДАТА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ДА ПОЧНАТ КАТАСТАРСКИТЕ ПРОМЕНИ ЗА ИЗГРАДБА НА НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВСпоред одлуките на Владата новиот Клинички центар ќе се премести во Општина Ѓорче Петров. (Фото:СДК.МК)

    Владата на денешната седница донесе одлука да почне постапка за пренамена на земјоделско во градежно земјиште во Општина Ѓорче Петров за изградба на новиот Клинички центар.

    „Владата ја усвои информацијата и одлуката за давање на согласноста за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистички план вон населено место „ВЕЛЕ ПОЛЕ“, за изградба на објекти со намена А-времено домување, Б-комерцијални и деловни намени, В-јавни институции, Д-зеленило и рекреација и Е-инфраструктура, КО Кучково, КО Волково, КО Ѓ. Петров 1 и КО Ѓорче Петров 3, Општина Ѓорче Петров“, соопшти Владата.

    Од владата велат дека со тоа почнале активностите за катастарско-урбанистичките работи на парцелата, која е наменета за изградба на новиот Клинички центар на утврдената локација во општина Ѓорче Петров.

    Владата минатиот месец донесе одлука со која го задолжи Министерството за финансии заедно со Министерството за здравство да изготват барање за изразување интерес за заем до финансиските институции, билатерални кредитори и странски комерцијални банки, за финансирање на изградбата на новиот Клинички центар.

    Од Министерството за здравство велат дека за нив приоритет е изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита, со што значително ќе се подигнат стандардите за лекување и третман на пациентите.

    „Со изградбата на новиот Универзитетски клинички центар, здравствените работници ќе имаат подобрени услови за работа, младите идни колеги подобрени услови за образование, а сите ние заедно ќе добиеме висококвалитетна здравствена заштита и нега по најнови светски стандарди“, велат од Министерство за здравство.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари