Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на цените на дваесетина прехранбени производи. За најмалку 10 отсто ќе се намалат цените на ориз, брашно пченично тип 400 и тип 500, бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450 грама, со исклучок на свежо печен леб во маркетите, други пекарски производи, бисквити, наполитанки, тестенини. Се намалуваат цените и на јунешко, свинско и пилешко месо, на колбас, пилешка посебна салама и на паштета. Нови цени ќе има и за млечните производи и тоа за трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, во пакување од 1 литар, јогурт, кисело кравјо млеко, павлака, традиционално кравјо бело сирење и мешано бело сирење, традиционален кравји и мешан кашкавал, на јајца, овошје и зеленчук.
„Највисоките цени овие производи се утврдуваат на нивото на цените коишто се применувале на 1 август 2023 година, во трговијата на мало, односно цените на овие производи се намалуваат за најмалку 10%. Трговците за вршење дејност трговија на мало, производите/стоките што се предмет на оваа одлука и коишто се поставени на полиците, фрижидерите и во разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”, што е објавен на веб-страницата на Министерството за економија“, велат од Владата.
Одлуката е донесена имајќи ги предвид состојбите на пазарот од страна на учесниците во ланецот на трговија на големо и на мало, коишто, според предлагачот на Одлуката, Министерството за економија, предизвикаа сериозно зголемување на цените на основните прехранбени производи.
„Следејќи го растот на цените на домашниот пазар и потрошувачката моќ на граѓаните, оценето е дека за заштита на животниот стандард на населението е потребно повторно да се ограничат цените на слободниот пазар на одделни прехранбени производи, коишто се доминантни производи за конзумирање и за коишто Државниот завод за статистика објавува месечни статистички податоци за мерење на трошоците за живот.Целта на владината Одлука е да се спречат натамошни пореметувања на пазарот и да се отстранат штетните последици од пореметувањето на пазарот во поглед снабдувањето на населението со основните прехранбени производи“, додаваат од Владата.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и одлука за забрана на трговците да нудат производи на акција и промоција. Забраната ќе важи до 30 ноември годинава.
А. АНТЕВСКА