ВЛАДАТА ЕКСПРЕСНО ЈА ПОВЛЕЧЕ ОДЛУКАТА ЗА ИЛИР МЕХМЕТИ, ЗА ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА М-НАВ ГО ИМЕНУВА ХЕКУРАН АСАНИ, КОНТРОЛОР НА ЛЕТАЊЕ СО 20-ГОДИШНО ИСКУСТВО

    ВЛАДАТА ЕКСПРЕСНО ЈА ПОВЛЕЧЕ ОДЛУКАТА ЗА ИЛИР МЕХМЕТИ, ЗА ИЗВРШЕН ДИРЕКТОР НА М-НАВ ГО ИМЕНУВА ХЕКУРАН АСАНИ, КОНТРОЛОР НА ЛЕТАЊЕ СО 20-ГОДИШНО ИСКУСТВОХекуран Асани во М-НАВ работи како контролор на летање 20 години; - Од Контролата на летање. (Фото: СДК.МК)

    Само што го именуваше Илир Мехмети од Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба за директор на М-НАВ, Владата на истата седница денеска ја смени одлуката под притисок на Синдикатот на контролорите на летање. На местото на Мехмети, за директор на М-НАВ е именуван Хекуран Асани, кој таму работи како контролор на летање 20 години.

    Со тоа е исполнет условот одреден во статутот на М-НАВ извршниот директор да има дозвола за надзор и контрола на летање, како и работно искуство од најмалку 6 години. Илир Мехмети немал лиценца за контролор на летање, ниту такво работно искуство, а на Владата никој не ѝ кажал дека такво нешто е потребно, односно дека Мехмети не го исполнува условот за директор на М-НАВ.

    Претходно Владата го разреши и директорот Љубе Стаменковски, а на негово место го именуваше Милан Кораќ од секторот воздухопловна техника. Третиот директор, Хасим Деари, остана несменет.

    Како што соопшти Владата по седницата, Хекуран Асани е вработен во М-НАВ од 2005, а од 2007 ги извршува обврските на контролор на летање. Во 2010 се стекнува со лиценца за извршен контролор, а од 2021 е воедно и инструктор за областа контрола на летање (OJTI).Како вработен во М-НАВ и долгогодишен контролор на летање, воедно ја извршува и функцијата на супервизор на контрола на летање.

    Милан Кораќ на новата функција доаѓа од местото раководител-инструктор за електроенергетика во М-НАВа пред тоа, 14 години бил вработен во Агенцијата за цивилно воздухопловство, како раководител-инструктор за електроенергетика во секторот за воздухопловна техника. Има повеќе од 25 години работно искуство во областа на воздухопловството.

    Владата ѝ препорача на Агенцијата за цивилно воздухопловство да продолжи со започнатите активности кои произлегуваат од спроведениот вонреден инспекциски надзор за утврдување на состојбите околу безбедноста и обезбедувањето на воздушниот сообраќај и за истото да го информира ресорното министерство и Владата.

    Владата воедно го задолжи Инспекторатот за труд да изврши вонреден инспекциски надзор за работењето на синдикалните организации во рамки на М-НАВ и за истото да ја информира Владата.

    Протестите на Синдикатот почнаа со сомнителните огласи кои резултираа со матни вработувања без селекција во сферата воздухопловна техника, поради што Синдикатот на контролорите и двата други синдиката во М-НАВ се заканија со штрајк и со затворање на небото над Македонија за авиопрелети.

    Интересно ќе биде да се види дали новиот директор има желба и законска можност да ги поништи вработувањата на петмина инженери и двајца инструктори, кои влегоа на краток оглас и директно без селекција дали ги бива да одат на понатамошна обука.

    Синдикатот бараше директорот Фахрудин Хамиди да ги поништи огласите, да си даде оставка, а МВР, Финансовата полиција и Обвинителството еднаш веќе да влезат во М-НАВ и да ги истражат незаконските и непотистички вработувања, јавните набавки, трошење јавни пари во Агенцијата која е во владина сопственост.

    Хамиди одби да ги поништи огласите, претседателот на Синдикатот Александар Тасевски се закани со штрајк. Зад него излегоа за поддршка, со аплауз, сите контролори на летање, Македонци, Албанци и другите. Тоа беше на 4 јануари.

    По одржаната прес-конференција на претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски, на која излегоа да му дадат поддршка сите контролори, инженери, инструктори и други вработени во знак на протест против самоволието на Хамиди, вработениот Беким Незири со најблискиот на Хамиди и уште 6 надворешни лица, упаднаа во радарската соба каде извлекле контролор на летање, кого физички го нападнале.

    Контролорот бил Албанец, а казната била затоа што излегол надвор да му даде поддршка на Тасевски.

    Осомничените сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот. Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

    Јавниот обвинител побара притвор за осомничените, но Кривичниот суд им одреди поблаги мерки. МВР уште трага по четворица напаѓачи кои не се вработени во М-НАВ.

    Вечерта по упадот во Контролната кула на 4 јануари, Владата соопшти дека на седницата закажана за 9 јануари „ќе се донесе за решение на постоечката ситуација во М-НАВ и ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки и тоа целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени. Да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира