Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на маржата на училиштниот прибор. Како што кажа на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски по седницата, со оваа мерка трошоците за училиштниот прибор ќе се намалат за половина.
„Донесовме одлука која ќе доведе до подобрување на животниот стандард на граѓаните. На големо маржата ќе биде ограничена на 5 проценти, а на мало до 10 проценти. Анализиравме увозни царински декларации и цени во малопродажба и заклучивме дека многу производи се продаваат по двојно повисоки цени од увозните. На пример, маркер се набавува по 60,1 денари, а се продава по 130 денари, на јаглен набавната цена е 68,6 денари, додека продажната 200 денари. Боиците имаат увозна цена од 69,5 денари, а се продаваат од 120-150 денари, кај моливите имаме набавни цени од 54,1 денари, а продажни по 120 денари. Со ова мерка на половина би се намалил трошокот кој го имаат граѓаните со почетокот на учебната година“, рече Мицкоски.
Мицкоски не смета дека мерката е задоцнета, со оглед дека учебната година почна вчера и дел од граѓаните веќе набавиле училишен прибор.
А. АНТЕВСКА