ВЛАДАТА ГИ ЗАДОЛЖИ ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА ТРОШАТ 15 ОТСТО ПОМАЛКУ СТРУЈА, ЌЕ ИМА КАЗНИ ЗА РАКОВОДИТЕЛИТЕ КОИ НЕМА ДА ШТЕДАТ

    ВЛАДАТА ГИ ЗАДОЛЖИ ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ДА ТРОШАТ 15 ОТСТО ПОМАЛКУ СТРУЈА, ЌЕ ИМА КАЗНИ ЗА РАКОВОДИТЕЛИТЕ КОИ НЕМА ДА ШТЕДАТПред нас е една од најтешките зими на енергетски план, вели министерот Бектеши. - Кејот на Вардар во скопски Карпош (Фото: СДК.МК)

    Владата ги задолжи државните институции од септември да трошат 15 отсто помалку струја споредено со истиот месец лани и најави санкции за раководителите на институциите ако не се спроведе ваквата мерка за штедење на електрична енергија.

    Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција ги презентираше мерките на заштеда на струја, кои што вклучуваат намалување на грејните тела и клима уредите, исклучување на осветлувањето на фасадите и гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина. Бектеши кажа дека овие мерки стапуваат во сила на 1 септември, а ќе важат до 31 март следната година.

    „Пред нас е една од најтешките зими на енергетски план, не само за нас, туку и за сите земји во регионот, како и во Европа. За полесно да се справиме со она што не очекува, за непречено снабдување со електрична енергија, рационално трошење и пониски сметки, подготвивме план и препораки за заштеда на струја. Мерките се поделени во повеќе категории, зависно дали се работи за домаќинства, компании или објекти, институции и претпријатија во државна сопственост. Целта е намалување на потрошувачката за 15 отсто споредено со истиот месец лани. Ако не се постигне оваа цел, ќе следуваат согласно етичкиот кодекс и сите уредби, одредени санкции за сите раководители на институциите“ изјави Бектеши.

    Согласно мерките, предвидено е исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, да се исклучуваат компјутерите по работата, редовно да се менуваат филтрите на грејните тела и клима уредите, да се печатат само потребните материјали и да се заменат прозорците со енергетски ефикасни.

    Понатаму, Бектеши најави дека рестрикции на струја нема да има, ниту се очекуваат, освен во случај на хаварија. Покрај задолженијата за државните институции, Владата препорача и домаќинствата и приватните бизниси да штедат струја, за да се намали притисокот врз ЕСМ.

    „Треба да придонесеме сите за заштеда на електрична енергија. Првичниот пример треба да го даваат институциите, а потоа тие да бидат следени од стопанството и домаќинствата. Ако се оди според планот на ЕСМ, не очекуваме да има рестрикции. И само, секако, да не се случи некоја хаварија. Разговараме и со раководствата на министерствата во Србија и Бугарија за да нема запирање на прекуграничните капацитети како во 2009 година, за да нема проблем во делот на снабдувањето на потрошувачите на слободниот пазар, а тоа се поголемите компании кои прават трговија преку интерконекторите со соседите“, додаде Бектеши.

    Директорот на ЕСМ Димитар Ковачевски кажа дека компанијата ќе произведе за 15 отсто повеќе енергија од лани.

    Сличните мерки за штедење на струја веќе се спроведуваат низ Европа.

    Градовите во Германија ги гасат светлата на спомениците, ги исклучуваат фонтаните и воведуваат студени тушеви во јавни базени и спортски сали додека земјата се обидува да ја намали потрошувачката на енергија. Хановер беше првиот поголем германски град кој почна со мерките на штедење, при што општинските згради ќе се загреваат до 20 Целзиусови степени во периодот од 1 октомври до 31 март.

    Над 200 историски споменици и општински згради во Берлин се во темница ноќе од крајот на минатиот месец.

    И Шпанија воведе нови правила во почетокот на овој месец, при што на фирмите им е дозволено да ги ладат просториите до 27 Целзиусови степени, односно да ги загреваат до 19 степени во зима. Новите мерки ќе бидат на сила до ноември 2023, при што ќе се гасат светлата на спомениците и во излозите на продавниците по 22 часот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира