Само седум отсто од вкупниот број донесени закони (365) во Собранието се предложени од пратеници, и тоа исклучиво од владејачкото мнозинство (освен законите донесени врз основа на Договорот од Пржино), што покажува дека Владата односно извршната власт индирекно го контролирала Собранието односно законодавна власт, стои во анализата од мониторингот на работата на Собранието од први јануари сè до распуштањето на Парламентот на 17 октомври минатата година, што го изготви граѓанската организација „МОСТ“.
Собранието во 2016 спровело 365 постапки за донесување закони. Донесени биле 13 нови закони, 326 измени и дополнувања на закони и 26 ратификации. Владата предлагала дури 93 отсто од донесените закони.
Во анализата за работата на пратениците, стои дека вкупно 48 закони биле предложени од вкупно 61 пратеник, 25 закони биле донесени по предлог од вкупно 48 пратеници, а неприфатливи биле 17 закони поднесени од вкупно 36 пратеници. Не бил донесен еден закон предложен од 16 пратеници, додека повлечени биле пет закони предложени од 40 пратеници.
„Се надеваме дека преку оваа програма Парламентот ќе го зајакне својот однос со граѓаните, со граѓанскиот сектор, со бизнисот, за доброто на сите. Парламентот е јадрото на демократијата на Македонија. Сегашните случувања во Парламентот на Македонија прават противуслуга за развојот на демократијата. Тие го поткопуваат кредибилитетот на институцијата, во Македонија и надвор“, рече извршниот директор на „МОСТ“ Дарко Алексов, на денешната презентација на извештајот за работата на Собраниетово рамки на овој проект.
Анализата е направена од „МОСТ“, во рамките на проектот на „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“.