ВЛАДАТА ГО ОДОБРИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ, ПРВАТА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО ЕУ ЌЕ БИДЕ НА 19 ЈУЛИ ВО БРИСЕЛ

    ВЛАДАТА ГО ОДОБРИ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ, ПРВАТА МЕЃУВЛАДИНА КОНФЕРЕНЦИЈА СО ЕУ ЌЕ БИДЕ НА 19 ЈУЛИ ВО БРИСЕЛПрвата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на пристапните преговори со ЕУ ќе се одржи на 19 јули во Брисел, рече Ковачевски. (Фото: К. Попов)

    Владата на денешната седница ги разгледа и ги усвои заклучоците кои денеска ги изгласа Собранието и донесе одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство од 30 јуни годинава, соопшти премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на седницата. Тој кажа дека првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на пристапните преговори со ЕУ ќе се одржи на 19 јули во Брисел.

    „Со ова заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја. Ние денес имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се заштитени, историските прашања се надвор од истата, а ние сме на чекор од одржувањето на првата Меѓувладина седница која ќе го означи почет на преговори на Северна Македонија со Европската унија, конечно после 17 години. Од овде од денес и натаму одиме напред со забрзан чекор до ЕУ“, рече Ковачевски и кажа дека потоа се отвораат нови фондови за развој на државата повикувајќи на оптимизам и верба во иднината на државата.

    „Јас преговарачката рамка во Брисел ќе ја читам на македонски јазик“, рече Ковачевски.

    Тој им се заблагодари на министрите Бојан Маричиќ и Бујар Османи за нивната посветеност за зачувувањето и унапредувањето на државните позиции.

    Тој рече дека целта на заклучоците на Собранието се за заштита на македонските државни интереси и нив треба да ги имаат во предвид сите следни влади кои ќе учествуваат во преговорите со ЕУ.

    Ковачевски рече дека Владата го задолжила министерот за надворешни работи Османи, во врска со протоколот што треба да го потпишат МНР на обете земји за реализација на Договорот за добрососедски односи со Бугарија, да го информира бугарското министерство за заклучоците што денеска ги изгласа Собранието и да го финализира протоколот. Османи во текот на денот треба да информира за процесот и содржината на протоколот.

    По три дена расправа, Собранието денеска изгласа заклучоци во врска со владината Информација за прифаќање на францускиот предлог за кревање на ветото на Бугарија врз Македонија и за преговарачката рамка со ЕУ, со 68 гласа „за“. Немаше „против“, ниту „воздржани“. Пратеникот на Демократски сојуз Павле Трајанов не гласаше за заклучоците, а пред гласањето, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја напушти пленарната сала.

    Потоа, лидерот на ВМРО-ДМПНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција покажа изјави на сите пратеници од неговата партија заверени на нотар, дека никогаш нема да гласаат за уставните промени за внесување на Бугарите во Уставот и рече дека изјавите се поврзани со нивни неотповикливи оставки на функциите ако постапат спротивно.

    Ковачевски денеска на прес-конференцијата во Владата го повика Мицкоски да каже зошто има против во Уставот да бидат внесени и оние граѓани на Македонија кои се чувствуваат како дел од хрватскиот, црногорскиот, бугарскииот или еврејскиот народ.

    Внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за втората Меѓувладина конференција и фактички почеток на преговорите со ЕУ, односно остворање на 34-те поглавја за преговори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира