ВЛАДАТА ГО ПРОГЛАСИ СКОПСКИОТ АКВАДУКТ ЗА СПОМЕНИК СО НАЈВИСОК СТЕПЕН НА ЗАШТИТА

    ВЛАДАТА ГО ПРОГЛАСИ СКОПСКИОТ АКВАДУКТ ЗА СПОМЕНИК СО НАЈВИСОК СТЕПЕН НА ЗАШТИТАСо оваа одлука се овозможува конечно да започне и физичка заштита на Аквадуктот, културно наследство од 6 век. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Аквадуктот во скопската населба Визбегово, културно наследство од 6 век, е прогласен за споменик од особено значење и со тоа добива највисок степен на заштита. Владата на денешната седница, по предлог од Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство, донесе Одлука за прогласување на споменикот Аквадукт во Скопје за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

    Од Министерството за култура велат дека оваа одлуката следи по усвоениот елаборат за ревалоризација на споменикот, процес  кој долги години беше закочен во надлежнитe институции. Аквадуктот сега се вбројува во уставната категорија „добра од општ интерес за Република Северна Македонија“ и ужива посебна заштита во смисла на Уставот и Законот за заштита на културното наследство.

    „Со ревалоризацијата на Аквадуктот е опфатено и прашањето за категоризација на доброто според неговото значење, а со тоа и прашањето за режимот на заштита. Одлуката овозможува трајно зачувување на Аквадуктот и на неговите вредности во културна и историска смисла, како и во однос на заштитата на архитектурата, на социјалниот, едукативниот, туристичкиот и економскиот  аспект на локалитетот. Со тоа се овозможува конечно да започне и неговата физичка заштита“, велат од Министерството за култура.

    Аквадуктот сега е во одредени делови е пред распаѓање, тулите од столбовите паѓаат, а уште во 2019 од Конзерваторскиот центар поднесоа пријава до непознат сторител бидејќи беа уништени 10 столбови. Тогаш полицијата го чуваше Аквадуктот за да не дојде до негово целонсо уништување.

    Во 2018 тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски по посетатата на локалитетот со премиерот Зоран Заев и скопскиот градоначалник Петре Шилегов, рече дека почнува целосна ревитализација на Скопскиот аквадукт и дека се обезбедени околу 18 илјади евра за изработка на проект за конзервација на аквадуктот.

    Се смета дека Аквадуктот датира од времето на Римското царство или Византија во времето на Јустинијан Први, од 527 – 554, па поради тоа овој аквадукт се нарекува и Јустинијанов аквадукт. Според овие мислења, тој бил поврзан со градот Скупи. Се смета дека преку аквадуктот била спроведувана вода од изворот Лавовец во селото Глуво на Скопска Црна Гора, до „топџиската касарна“, Мустафа-пашината џамија, до некогашниот турски уќумат, Куршумли-ан и Сија-беговата џамија. Водата преку аквадуктот се пренесувала со цевки кои оделе од запад кон исток.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира