ВЛАДАТА ГО ЗГОЛЕМИ БУЏЕТОТ ЗА УСТАВНИТЕ СУДИИ ОТКАКО САМИ СИ ИЗГЛАСАА ДОДАТОЦИ НА ПЛАТИТЕ

    ВЛАДАТА ГО ЗГОЛЕМИ БУЏЕТОТ ЗА УСТАВНИТЕ СУДИИ ОТКАКО САМИ СИ ИЗГЛАСАА ДОДАТОЦИ НА ПЛАТИТЕПретходно уставните судии не дозволија да им се намалат платите само за мај и јуни како солидарност со тешката економска состојба во пандемијата, ги заштитија и тие на функционерите и на администрацијата (Фото: К. Попов)

    Ставката за плати и надоместоци за Уставен суд од 25.580.000 за 2020 година скокна во предлог-буџетот за идната година на 26.580.000 денари, откако уставните судии со измена на Деловникот за работа си изгласаа додатоци на платите за висок ризик во работата и за доверливост.

    Владата одвоила и 16.000 евра за Уставниот суд, да купи службен автомобил, ставка која што ја немаше во годинашниот буџет.

    Уставните судии на 22 октомври сами си изгласаа додатоци во висина до 35 отсто од месечната плата, за да бидат исти како судиите и обвинителите, кога направија и преседан. Додатоците си ги вметнале во Деловникот за работа на Уставниот суд, место Парламентот да им ги изгласа со закон.

    Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска рече дека не може со Деловникот за работа на Уставниот суд судиите да си го зголемат надоместокот на плата, но Комисијата допрва ќе заседава за оваа интерна одлука на осумтемина уставни судии од 22 октомври.

    Претходно, уставните судии не дозволија во вонредната состојба платите да им се намалат, па експресно ја ставија на дневен ред таквата Владина уредба и веднаш ја поништија. Тогаш всушност уставните судии не ги спасија само своите, туку и платите на судиите, обвинителите, пратениците, директорите и други јавни функционери. Судот одлучи дека уредбата е противуставна.

    Буџетот на Уставен суд за следната година е предвидено да се зголеми за 1,5 милиони денари. (Фото: Министерство за финансии/принтскрин)

    Владината уредба за кратење на платите на функционерите беше само за април и мај, а не засекогаш. Беше донесена како мерка за солидарност во борбата со справување со пандемијата со коронавирус и со работниците од приватниот сектор, кои или земаат минималец или ги изгубиле работните места.

    На истата седница поништувачка одлука Уставниот суд донесе и за Уредбата со која беа запрени надоместоците и додатоците на плата на вработените во администрацијата, зашто повеќето не одеа на работа поради пандемијата со коронавирус.

    Како последица од пандемијата со коронавирус, досега 15.000 работници од приватниот сектор останаа без работа, според Министерството за економија. Но, платите и додатоците на уставните судии, на судиите од редовното судство, обвинителите, на пратениците, директорите, на целата администрација, Уставниот суд ги зачува во полн износ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира