ВЛАДАТА И СОНК ДОГОВОРИЈА ЗА 15 ОТСТО ПОВИСОКИ ПЛАТИ, КОВАЧЕВСКИ АПЕЛИРА НАСТАВНИЦИТЕ ДА ЈА ПРИФАТАТ ПОНУДАТА

    ВЛАДАТА И СОНК ДОГОВОРИЈА ЗА 15 ОТСТО ПОВИСОКИ ПЛАТИ, КОВАЧЕВСКИ АПЕЛИРА НАСТАВНИЦИТЕ ДА ЈА ПРИФАТАТ ПОНУДАТАПремиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук профил синоќа упати апел до наставниците да ја прифатат понудата, со оглед на тоа дека и пред еден месец беше постигнат договор со раководството на Синдикатот, но потоа го отфрлија велејќи дека е неприфатлив за членството.(Фото: СДК.МК)

    За 15 отсто зголемување на платите во образованието и детската заштита од септември, договорија претставниците на Синдикатот на образованието, науката и културата  (СОНК) и Министерството за образование. Во рамките на преговорите кои изминативе 20 дена се водат со посредство на медијатор синоќа е договорено да не се кратат платите на наставниците кои штрајкуваа, а биле допрецизирани и колективните договори и договорено е во иднина при креирањето на буџетот заеднички да се разговара со Синдикатот.

    Премиерот Димитар Ковачевски на својот фејсбук профил синоќа упати апел до наставниците да ја прифатат понудата, со оглед на тоа дека и пред еден месец беше постигнат договор со раководството на Синдикатот, но потоа го отфрлија велејќи дека е неприфатлив за членството.

    „Успеавме да постигнеме значаен договор за вработените во образованието и покачување на платите од дури 15%, почнувајќи од септемвриската плата. Ова зголемување на платите е најголемото досега и заедно со досегашните 21% зголемување е историски најголемата поддршка на вработените во образованието. До пред само 5 години, максималното зголемување на платите беше 4%, без глобални кризи.Сега, во услови на најголема економска и енергетска криза, покрај огромното процентуално зголемување, на вработените во образованието, преку колективните договори ќе им се овозможи и усогласување со минималната плата како и други придобивки“, напиша Ковачевски.

    Штрајкот на наставниците и воспитувачките во градинките почна на 11 април, со барање за усогласување на платите со минималната плата. Владата им понуди зголемување на платите прво за 10, а потоа и за 12 отсто, но ова не беше прифатливо за членството на СОНК. На 26 април штрајкот во градинките беше ставен во мирување во интерес на децата, а на 28 април и во образованието откако СОНК доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара решавање на спорот со медијација.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира