ВЛАДАТА ЈА ДОБИ ДОВЕРБАТА НА ПРАТЕНИЦИТЕ, А ДУИ ГЛЕДАШЕ ФУДБАЛ

    ВЛАДАТА ЈА ДОБИ ДОВЕРБАТА НА ПРАТЕНИЦИТЕ, А ДУИ ГЛЕДАШЕ ФУДБАЛЦело време додека траеше расправата, пратениците на ДУИ на мобилните телефони го гледаа натпреварот од Лигата на шампиони Реал Мадрид - Јувентус (Фото: М. Златевска)

    Со 40 гласови „за“ и 62 „против“ и двајца „воздржани“, Собранието не изгласа недоверба на владата на премиерот Зоран Заев. Вкупно гласаа 104 пратеници од 107 присутни. Воздржано гласаа Узеири Ферати Мерал од ДПА и пратеникот на Движењето Беса Мемеди Реџеп.

    Цело време додека траеше  расправата, пратениците на ДУИ на мобилните телефони го гледаа натпреварот од Лигата на шампиони,  Реал Мадрид – Јувентус.

    Барањето за гласање доверба го поднесе опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Иако првично беше потпишано од 41 пратеник, на барањето подоцна се потпиша и пратеникот Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите, со што барањето за доверба беше доставено со 42 потписи. Од потпишаните 42 пратеници, Нола Исмаилоска Старова и Дафина Стојановска не беа присутни во салата.

    Листинг од гласањето за доверба на Владата во Собранието (Извор: Собрание на РМ)

    Премиерот Зоран Заев на поранешниот премиер Никола Груевски, кој зборуваше претпоследен, му рече дека тој е минато.

    „Никола Груевски, ти си минато, Македонија чекори напред, Македонија расчисти со тебе, ти си дел од темното минато. Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Наследивме тотален колапс, долг од 280 милиони евра, последици од владеење кои биле закани по системот на институциите. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе нанесат штета врз буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенрира во самите институции. Тоа мора да сами да го направиме. Низ тешките премрежија се создаде парламентарно мнозинство кое вети дека донесе реформи. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните и државата, тоа е ЕУ и НАТО. Оваа можност беше прифатена и од опозицијата“, рече Заев, во говорот пред гласањето.

    Груевски кој зборуваше последен од пратениците, рече дека денот по утрото се познава како работи владата на Зоран Заев.

    „Се виде уште лани кога со странична интервенција се создаде оваа коалиција. А уште повеќе кршејќи го Уставот, законот и Деловникот се изгласа, насила преку еден чин кој наликува на државен удар се назначи т.н. претседател на Собранието“, рече пратеникот Груевски. Тој додаде дека оваа влада има најнизок раст во Европа, и наместо со нови конкретни иницијативи се занимава со маргинални прашања.

    „Граѓаните од вас очекуваат нови работни места, нови фабрики, нови инвестиции, нови шанси и можности за да останат и да живеат тука, а не за да им се докажувате дека не патувате да носите странски инвестиции и со тоа штедите“, кажа Груевски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира