ВЛАДАТА ПОБАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЛИДИЈА ДИМОВА, ПЕЦЕ МИРЧЕВСКИ ОСТАНУВА ДИРЕКТОР НА СОЗР, САШО ТАСЕВСКИ НА БЈБ

    ВЛАДАТА ПОБАРА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ЛИДИЈА ДИМОВА, ПЕЦЕ МИРЧЕВСКИ ОСТАНУВА ДИРЕКТОР НА СОЗР, САШО ТАСЕВСКИ НА БЈБПремиерот Зоран Заев го прифатил предлогот на вицепремиерот Љупчо Николовски да се разреши Димова поради, како што велат од Владата, неетично постапување во извршувањето на нејзината функција. (Фото: Влада на РСМ)

    Владата му препорача на Управниот одбор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да ја разреши директорката Лидија Димова. На денешната владина седница, премиерот Зоран Заев го прифатил предлогот на вицепремиерот Љупчо Николовски да се разреши Димова поради, како што велат од Владата, неетично постапување во извршувањето на нејзината функција, поврзано со индиции за несоодветно финансиско работење и за негрижа за одржувањето на имиџот на институцијата во јавноста.

    „Оваа постапка ја овозможува членот 23 од Етичкиот кодекс, според кој претседателот на Владата може да побара политичка одговорност, односно барање за поднесување на оставка на носителот на извршна функција или предлог за негово разрешување, и да покрене иницијатива за информирање на надлежни институции, при што врз основа на сознанијата и одлуките на Управниот одбор, ќе се запазат сите постапки за гарантирање на принципот за презумпција на невиност“, велат од Владата.

    Владата денеска ги именуваше Сашо Тасевски за директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР и Пеце Мирчески за директор на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), додека пак Висара Риза е разрешена од должноста в. д. директор на Агенцијата за лекови и медицински средства и на таа позиција е именуван Лирим Шабани.

    На денешната седница Владата донесе Решение за измена и дополнување на Решението за именување претседател, генерален секретар и членови на Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, при што за претседателка на Комисијата е назначена министерката за култура проф. д-р Ирена Стефоска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира