Највисоката трговска маржа за огревно дрво од даб и од бука и пелети за огрев за сите трговци се утврдува во висина најмногу до 10%, одлучи денеска Владата.
„Висината на трговска маржа најмногу до 10% за огревното дрво и пелети ќе важи за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на мало, а транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи не се пресметува во висината на трговската маржа. Причината за ограничување на трговската маржа се заснова на усогласување на разликите во цените кои сега се присутни во трговијата на мало, односно при продажба на огревно на дрво и пелети за огрев“, соопшти Владата.
Одлуката е донесена на предлог на Министерството за економија.
Владата на 20 јули донесе и одлука за забрана на извоз на пелети, дрва, како и пченица и брашно.
Цените на пелетите и дрвата за огрев дупло пораснаа за разлика од овој период лани. Освен што цените се скокнати, голем број од трговците ги кријат и прават залихи, велејќи дека нема за продажба или можат да се купат само ограничени количини. Цените за една вреќа од 15 килограми за А класа е 350-360 денари, а лани летото цената беше 180 -190 денари. За време на грејната сезона цените растат, па така лани зимата пелети се продаваа по 250 денари за вреќа. Дел од трговците ни рекоа дека мораме да почекаме неколку дена и дека прават листи на чекање оти сега немало пелети. На нашето прашање зошто цените се дупло повисоки. велат дека и нивните трошоци се пораснати и како што сè е поскапено и ценатата на пелетите расте.
Речиси идентична е ситуацијата и со дрвата за огрев. И тие тешко се наоѓаат, а цената по која се продава еден кубик е 4.700-5.000 денари. Лани ова време се продаваа од 3.000-3 500 денари.
Пред неполн месец, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кажа дека и до Владата стигнала информација оти трговците вештачки прават зголемување на цената на дрвата и пелетите и најави дека веднаш почнуваат контроли против воените профитери.