ВЛАДАТА ЌЕ Ѝ ПОМОГНЕ НА ОПШТИНА ЧАИР ДА ЈА УРНЕ ДИВОГРАДБАТА ПРЕД „МАВРОВКА“, НАЈАВИ ЗАЕВ

    ВЛАДАТА ЌЕ Ѝ ПОМОГНЕ НА ОПШТИНА ЧАИР ДА ЈА УРНЕ ДИВОГРАДБАТА ПРЕД „МАВРОВКА“, НАЈАВИ ЗАЕВ„Многу брзо ќе почнат активности на терен за да се справиме со ова незаконско дејание што ни се случува дрско пред нашите очи, во центарот на градот“, рече Заев. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Премиерот Зоран Заев најави дека за кратко време ќе биде отстранета дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“. Одговарајќи на новинарско прашање како новата влада ќе се справи со нелегалниот објект кој никако да се урне, рече дека за тоа ќе се донесе одлука на денешната седница на Владата.

    „Многу брзо ќе почнат активности на терен за да се справиме со ова незаконско дејание што ни се случува дрско пред нашите очи, во центарот на градот. Денес ќе донесеме конкретни одлуки кои ќе ги соопштиме после седница на Владата. Во деталите на самите одлуки ќе бидат наведени правните постапки како би требало Владата да пристапи во испорачување на помош на Општина Чаир, која што има записник и решение дека објектот е дивоградба, но нема фирма изведувач да го спроведе решението за отстранување“, рече Заев на прес-конференцијата по повод првата годишнина од формирањето на Агенцијата за национална безбедност.

    По прес-конференцијата на Заев, МВР соопшти дека СВР Скопје- Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење” по чл.244-а од КЗ на објект бесправно изграден на бул.Гоце Делчев на платото пред ДТЦ Мавровка.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира