ВЛАДАТА ПРЕДЛОЖИ ЗАКОН СО КОЈ ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦА ЌЕ МОЖАТ ДА ГО ПРОМЕНАТ ПОЛОТ ВО ЛИЧНА КАРТА, ДВЕ ГОДИНИ ПО ПРЕСУДАТА НА СУДОТ ВО СТРАЗБУР ПРОТИВ ДРЖАВАТА

    ВЛАДАТА ПРЕДЛОЖИ ЗАКОН СО КОЈ ТРАНСРОДОВИТЕ ЛИЦА ЌЕ МОЖАТ ДА ГО ПРОМЕНАТ ПОЛОТ ВО ЛИЧНА КАРТА, ДВЕ ГОДИНИ ПО ПРЕСУДАТА НА СУДОТ ВО СТРАЗБУР ПРОТИВ ДРЖАВАТАСо предложените законски измени, се овозможува правно признавање на родот со постапка во која поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин да му се признае родовиот идентитет. - Од изложбата „Девојките од Скопје“ на Лепа Георгиевска (Фото: Коалиција Маргини)

    На предлог на Министерството за правда на денешната седница е утврден Предлог-законот за изменување на Законот за матична евиденција со кој ќе се овозможи признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица, согласно позитивното меѓународно законодавство и почитувањето на сите човекови права, соопштија од Владата по вчерашната седница.

    Процесот на подготовка на овие законски измени почна во февруари 2019 година, еден месец по пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Х против Република Македонија, според која Македонија треба да му исплати обештетување од 9.000 евра на трансродово лице, затоа што му е повредено правото на приватност и правото на ефикасен правен лек во текот на процедурите за промена на полот во земјава.

    „Законот за матична евиденција не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол. Потребно е уредување на постапката за правно признавње на род со цел спроведување на Пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Х против Република Македонија (Application no. 29683/16) од 17.01.2019 година како и негово хармонизирање со меѓународните стандарди во оваа област“, соопштија тогаш од Владата.

    Согласно постојните закони, трансродовите луѓе можат да си го сменат името за делумно усогласување на податоците во документите за идентификација со својот родов идентитет, но не постои јасна постапка за промена на ознаката за пол и единствениот матичен број на граѓанинот.

    Со предложените законски измени, се овозможува правно признавање на родот со постапка во која поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин да му се признае родовиот идентитет, по што ќе може да се смени полот во личната карта.

    Во текстот на предложените измени стои:

    „Пол се однесува на физичките карактеристики на поединецот (репродуктивен систем, хромозоми, хормони) според кои се назначува полот. Родов идентитет се однесува на внатрешното и индивидуално доживување за род на секое лице, кое може или не кореспондира со полот кој што е одреден со раѓање, вклучително личното чувство за телото и други манифестации на родот, вклучително име, облека, говор и манири“.

    Ако предложените законски измени поминат во Собрание, во постапката за правно признавање на родот нема да се бара доставување на докази за хируршка процедура за целосно или делумно прераспоредување на гениталии, хормонална терапија или било кој друг психијатриски, психолошки или медицински третман на подносителот на барањето и потоа врз основа на правосилно решение со кое правно се признава родот, Управата за водење на матичните книги ќе изврши промена на податоците за пол во матичната книга на родени. Изводот од матична книгае ќе се издава без да се стави забелешка за промената на полот. Нема да биде дозволен увид во уписот во матичната книга на родените за лицата кои извршиле промена на полот.

    Од Министерството за правда велат дека овој предлог законски текст добил позитивно мислење од: програмата TAIEX (The Technical Assistance and Information Exchange) и Одделот за спроведување на пресудите во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира