НЕ МОЖЕ ДА ИЗНАЈМИ СТАН ОТИ СТАНАЛ МАЖ, А ВО ЛИЧНА КАРТА Е ЖЕНА, ПРВОТО ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ СО ПРЕСУДА ОД СТРАЗБУР СТРАДА ОТИ МАКЕДОНИЈА НЕ ГО СМЕНИЛА ЗАКОНОТ

НЕ МОЖЕ ДА ИЗНАЈМИ СТАН ОТИ СТАНАЛ МАЖ, А ВО ЛИЧНА КАРТА Е ЖЕНА, ПРВОТО ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ СО ПРЕСУДА ОД СТРАЗБУР СТРАДА ОТИ МАКЕДОНИЈА НЕ ГО СМЕНИЛА ЗАКОНОТАдвокатката Наташа Бошкова од Коалиција Маргини, која го застапува случајот на трансродовото лице Икс пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, вели дека со Министерството за правда веќе формираат работна група за измена на Законот за матична евиденција - државата има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот, кога тие по хормонска терапија и промена на полот се трансформираат во спротивниот род од оној што ги пишале по раѓањето (Фото: К. Попов)

Трансродовото лице Икс родено во Македонија во 1987, кое на 17 јануари го доби првиот спор против Република Македонија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, не можело административно да го смени родот „женско“ (ж) во „машко“ (м), зашто немало целосна операција на полот. Управата за водење матичните книги која е под Министерството за правда била таа која, под изговор дека лицето Икс имало само делумна операција на полот од женски во машки, го одбила неговото барање за промена на родот. Ако му го овозможиле тоа, лицето потоа можело да оди во МВР, да поднесе барање и да добие нов матичен број како маж.

Тоа била основата за тужбата во Стразбур, поткрепена со животни трауми, непријатности и повреда на приватноста на ова лице, поради што Судот ѝ наложи на Македонија да му исплати и материјална отштета во износ од 9.000 евра.

Икс е роден како жена и поседува лична карта во женски род. Живее во субстандардни услови, бидејќи не може да закупи стан под кирија. Кога ќе ја покаже личната карта, настанува проблем. Тој е целосно трансформиран во маж и никој не верува дека личната карта е негова. Со цел да се заштитат од измами, сопствениците на станови кога ќе ја видат неговата лична карта каде тој сè уште е жена, ја затвораат темата за разговор.

Паралелно со битката за носењето на законска регулатива за промена на идентитетот, односно родот и единствениот матичен број кај трансродовите лица, адвокатката од Коалиција Маргини Наташа Бошкова вели дека таа и тимот со години водат битка и хормонската терапија да им биде покриена од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ); – Од изложбата „Девојките од Скопје“ на Лепа Георгиевска (Фото: Коалиција Маргини)

Ова трансродово лице не оди на лекар. Лекарска помош бара само во животнозагрозувачки ситуации. Причината е иста, личната карта со матичен број на жена. Тој по цел ден седи сам дома. Натаму, тој има проблем со вработувањето. Работи за мал хонорар, бидејќи се чувствува безбеден само во средина каде ги познава луѓето, а средината во која моментално работи, нема доволно средства за да му плати повеќе.

Најчест е проблемот со банките. Лицето Икс само што ќе ја покаже личната карта на која има целосно машки изглед, како што е во реалноста, настапува проблем во смисла на обид за измама, фалсификување на лична исправа и друго, бидејќи во личната карта стои дека е женско.

„Чекај, чекај, тука има некаква грешка!“, се вознемируваат банкарските службеници, го бламираат пред сите, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК неговите правни помагачи.

Тоа се секојдневни стресови, понижувања и малтретирање за Икс, поради што преку својот правен застапник тој побарал помош од Европскиот суд за човекови слободи и права.

Досега има два случаја каде трансродови лица со одлуки на Управниот суд успеале да го променат родот во Управата за водење на евиденција на матичните книги, и потоа во МВР добиле нови матични броеви спротивни од првичните што им биле впишани по раѓањето. Во еден случај институциите решиле вака, а во друг, како кај лицето Икс, спротивно. Поради тоа, во одлуката Европскиот суд за човекови права ѝ наложува на Македонија да го измени законот и да донесе унифицирана регулатива за сите вакви случаи. Всушност, државата има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот, кога тие по хормонска терапија и промена на полот се трансформираат во спротивниот род од оној што ги пишале по раѓањето.

Адвокатката Наташа Бошкова од Коалиција Маргини, која го застапува овој случај пред судот во Стразбур, вели дека со Министерството за правда веќе формираат работна група за измена на Законот за матична евиденција. Државата има три месеци рок да се жали, а Стразбур да одлучи по жалбата и потоа мора да ги донесе законските измени.

Паралелно со битката за носењето на законска регулатива за промена на идентитетот, односно родот и единствениот матичен број кај трансродовите лица, Бошкова вели дека таа и тимот со години водат битка и хормонската терапија да им биде покриена од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

„Се бориме барем за хормонската терапија да не мора овие лица да одат во Белград. Тие на свој трошок патуваат и во Белград ја примаат терапијата која им помага и ги одржува трансродовите лица во трансформацијата. Услови за промена на полот тука во Македонија сè уште нема. Операциите (делумни или целосни) се прават приватно, на клиника во Белград“, вели Наташа Бошкова.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира