СО СМЕНЕТ РОД ВО ЛИЧНАТА КАРТА НИКОЈ НЕМА ДА МЕ ПОНИЖУВА НА ЛЕКАР ИЛИ ВО БАНКА, ВЕЛИ ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ОД СКОПЈЕ ЧЕКАЈЌИ ГИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ

    СО СМЕНЕТ РОД ВО ЛИЧНАТА КАРТА НИКОЈ НЕМА ДА МЕ ПОНИЖУВА НА ЛЕКАР ИЛИ ВО БАНКА, ВЕЛИ ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ОД СКОПЈЕ ЧЕКАЈЌИ ГИ ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИМногумина од лекарите сметаат дека трансродовоста не е во ред и одбиваат да дадат здравствена услуга: - Трансродово лице на гинеколошки преглед (Фото: The Gender Spectrum Collection)

    Предраг Јовановски, 22-годишен студент на семејни студии на Философскиот факултет во Скопје (петта година), е еден од десеттемина млади луѓе кои за првпат во своите досега пеколни животи ќе ги добијат основните човекови права. Тој е роден со женски пол, а има машки родов идентитет и е во постапка на хормонална терапија за промена на полот. До крајот на декември, Предлог-законот за матична евиденција ќе оди на седница на Владата, а за тоа таа ќе треба да го извести Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур. Потоа, како обврска од Судот што ѝ го наложи на државата по спорот што го изгуби, ќе треба законот да се изгласа и во Парламентот.

    Јовановски и останатите неколку трансродови лица, наскоро само со изјава пред нотар, како што неофицијално најавуваат невладините организации, ќе го добијат правото да го впишат во личните документи вистинскиот род што го чувствуваат од раѓање. Не оној што им го одредил полот во оваа медицинската ситуација, што кај нас е исклучително ретка и која бара овие лица да се трансформираат со лекови за да живеат и да ги уживаат загарантираните човекови слободи и права како сите други останати граѓани.

    Предраг е весело и здраво момче, но со длабока тага во очите поради сè она што го преживеал и го преживува од системот. Со типичен машки изглед, Предраг сè уште има род „ж“ во матичниот број и женско име и презиме во личната карта. Избегнувајќи го најемотивното прашање за неговите односи со семејството, дали е избркан од дома или не, што е типично за несфатените трансродови лица, со страв од тоа што ќе каже за суровото секојдневие, како наоѓа средства за егзистенција, го прашавме првин како се однесуваат со него на факултет.

    „Врз основа на мојот идентитет немам проблеми, ама врз основа на моите ставови за одредени теми, може да се каже дека сум малку попроблематичен студент. Мислам на темите што се обработуваат на факултет, што ме засегаат мене лично, а верувам и секого друг. Моментално, групата ни е од околу 20-ина студенти. Кај пет-шестмина луѓе имам разбирање. Со остатокот немам комуникација. Може да се каже дека јас сум тој што отстапува да комуницира, затоа што ако треба со некого да дебатирам за човекови права и да му објаснувам зошто се потребни основни човекови права, и ако тој човек нема разбирање за тие права не гледам причина зошто да имам комуникација со такви луѓе“, ја почнува својата приказна ова момче.

    Има и луѓе што не се прифатени од дома, избркани од дома. Имавме случај на експлицитно тешко семејно насилство. Многу беше вознемирувачко тоа да се гледа, а ние на личноста не можевме да ѝ помогнеме, зашто беше малолетна. А институциите не излегоа во пресрет, вели Јовановски; – Од изложбата „Девојките од Скопје“ на Лепа Георгиевска (Фото: Коалиција Маргини)

    Поради неговата храброст и позитивна енергија, го прашавме дали е тоа резултат што од дома, од најблиското семејство, е прифатен како трансродово лице?

    „Немам некое разбирање дома. Од татко ми и од сите мојата состојба е ставена под тепих и не се зборува за тоа. Сме немале некој конфликт конкретно за тоа. Но, имавме кога дознаа дека сум на хормонска терапија, што не заврши добро. Не ме казнуваа, не ме малтретираше никој, самиот си заминав. Тетка ми ми беше поддршка, но кога почнав со терапијата, не толку поради мојот идентитет или како јас се идентификувам (таа е океј со тоа), се вознемири. Се вознемири зашто ѝ беше страв хормоните да не ми предизвикаат несакан ефект и здравствени проблеми. Но сега односите ни се многу поправени, посебно на таа тема. Тетка ми се интересира за тоа, како сум, како оди терапијата. Со татко ми комуницирам, ама не зборуваме на таа тема воопшто“, вели Јовановски.

    Тој со хормоналната терапија почнал годинава во февруари. Задоволен е што постигнал за една година. И навистина, додека го гледате овој маж пред вас, се чудите на неговата лична карта со женски сексмаркери, женско име и презиме. И сфаќате дека тоа не е природно, а не што се родил со погрешен пол наспроти природните хормони и што доземал дополнително од тие хормони да си се трансформира во вистинскиот род, чувство и идентитет со кои се родил.

    „Изненаден сум дека толку брзо се случија физичките промени, но и од психичките, иако таму има некои нуспојави во смисла различно реагираш во различни ситуации. Бидејќи, ти си веќе оформен човек, а треба да се справиш со емоциите што не си ги доживувал претходно во одредена ситуација. За секој случај е различно. Сум запознал луѓе кои во своите 20-ти сфаќаат дека се всушност трансродово лице. Но јас, на пример отсекогаш знаев. Тоа е лично чувство и осознавање. Лекарот тоа не може да го види кога ќе се роди бебето, исто и родителите. Тоа е многу субјективно чувство. Јас сум транс маж, има многу други транс мажи, што генерално, нели, сите се чувствуваме исто, но моето лично чувство е многу поразлично од нечие друго од нив“, вели Јовановски.

    Во Македонија, каде законите изрично не дозволуваат да се изврши промена на родот и на системот баш му е гајле за тоа, има уште поголема негрижа за суровите последици од недозволувањето на ова основно човеково право. Најстрашно е што поради ова, трансродовите лица не уживаат здравствена заштита како останатите граѓани. Животните и домашните миленици имаат поголема здравствена заштита.

    „Мене кога ќе ме прашаат дали трансродовата заедница генерално, добива здравствени услуги, јас велам да, добива. Ама тоа е на крајот на денот. На крајот на денот добива услуги, но патот не е ист кај обичниот и кај транс човекот. Ако некој што не е транс има потреба да оди на лекар, од точка А оди во точка Б. Додека, кај транс луѓето треба да ми се јави или на мене, или на некој друг што има повеќе контакти, за јас да му обезбедам контакт од лекар што е посензибилизиран и што ќе го прими на преглед за одредена здравствена потреба. Лекарите нè одбиваат поради непрофесионален однос. Многумина од нив, според личните убедувања, сметаат дека трансродовоста не е во ред и одбиваат да дадат одредена здравствена услуга. Тоа е многу сурово. Ние си имаме мрежа од лекари кои се океј да работат со транс заедницата и ги праќаме луѓето да одат кај нив“, вели  Јовановски.

    „Има седум-осум случаи кои што чекаат да им се смени ознаката ‘м’ во ‘ж“ или од ‘ж’ во ‘м’. Тие не биле во Стразбур, уште чекаат и се подготвени. Судот во Стразбур вели да не се соочите повторно со арбитрарни одлуки, добро е да си ги прецизирате тие законски одредби. Новиот закон е во подготовка и ние сме вклучени во работата“, вели Наташа Бошкова, адвокатката на лицето Икс, од невладината организација „Коалиција Маргини“. (Фото: К. Попов)

    За жал, тврди тој, матичните лекари се основен проблем. Тоа е примарната здравствена заштита што ја уживаме сите граѓани.

    „Треба да најдеш матичен лекар што е сензибилизиран. Во спротивно, тој нема да те одбие да му бидеш пациент, ама нема да ти даде одредена здравствена услуга. Или, ќе ти даде здравствена услуга која ти е потребна во моментот, но ќе бидеш стигматизиран. Ќе користи непрофесионален јазик кога ти се обраќа, што не е во ред. Одењето на лекар и така е непријатно за сите. Лекарот треба да ти обезбеди да ти е пријатно кога одиш да бараш помош кај него, а не да ти поставува прашања кои не се во неговиот домен и не го засегаат, само дополнително да ти прави да се чувствуваш непријатно. На пример: ‘Што се глупираш ти, мода ви е ова? Дали тебе другарите ти викаат дека е интересно ова што го правиш?’ и такви прашања“, наведува примери Јовановски.

    За специјалистичките прегледи, има еден гинеколог на државно, која работи со транс мажи без разлика дали треба обична здравствена услуга или одреден транс маж сака да почне со медицинска транзиција. За транс жените (лица родени со машки пол, а со женски хормони и чувство на женска родова припадност), имаат уролог. Нивните имиња САКАМДАКАЖАМ.МК нема да ги објави, на барање на невладината „Трансформа“.

    Многу е важен и ендокринологот од Клиничкиот центар кој препишува хормони на транс заедницата, што исто така е огромен чекор, оти за овие луѓе е огромен успех да отидат на државно и да им препишат хормони. Само таа докторка препишува.

    Во приватниот сектор е многу полесно, не поради тоа што ти го почитуваат идентитетот, туку поради тоа што плаќаш дебело. Но, ретко кој може да си дозволи“, вели Предраг.

    Со ова тој го наметна прашањето од што живеат трансродовите лица, од каде средства за егзистенција кога никој не ги вработува, зашто изгледот не им соодветствува со родот во матичниот број?

    „Хонорарно, само во невладини организации ако најдат работа, и како сексуални работници. Ова второво не е по волја, туку е борба за живот. Трпат разни насилства, но не можат да пријават бидејќи сексуалната работа е криминализирана и ако пријавиш ти насилство извршено за време на сексуална работа, тоа значи дека сам себе се пријавуваш. Оставени сме на немилост во државата. Познавам само една трансродова девојка од село во источна Македонија, што работи во конфекции. Сите знаат дека е транс. Си работи со сите останати жени најнормално. Во политиката немаме шанса, тоа е „повисоко “работно место каде што луѓето не се сензибилизирани“, вели Предраг.

    За овие лица невозможна мисија е да отидат во банка како сите други, да се претстават и оттаму да им речат: аха добро, може, ќе ти дадеме картичка, заем, кредит или што и да треба.

    „Огромен проблем имам во банка. Ми викаат не си ова ти! Дај ми вистински документи! Се случува сега еве поради пандемијата нема толку гужви внатре, ама претходно банката била секогаш полна. Чекаат 15-ина луѓе позади тебе, ти објаснуваш тука кој си и што си, кој е твојот идентитет и зошто ти се такви документите. Јас можеби немам личен проблем да кажам некому дека сум транс, но тоа е за мои блиски луѓе, луѓе од мојот круг, а немам должност јас на комплетен странец да му објаснувам зошто, како и од која причина ми се такви документите. И цели редици зад тебе и до тебе да слушаат. Не е воопшто пријатно. Првиот и вториот пат ти е непријатно. Третиот пат ти доаѓа преку глава! Јас сум прилично нервозен кога треба пак да им објаснувам што значи тоа. Затоа што млади луѓе работат во банка и поразително е што иако постојано се зборува дека трансродовите луѓе имаат проблем со документите за идентификација, а тие млади службеници во банка не го знаат тоа“, реди тој стресни ситуации.

    Колку и да бил понижен, Јовановски, а и секое друго трансродово лице, не смее да се откаже, зашто банкарската услуга е нужност и таа не може да се добие во друга институција.

    „Им кажувам: ‘Слушај, транс сум. Не можам да си ги сменам документите, ова сум јас. И јас не сакам да ги имам овие документи, ама ги имам, и тоа е што е!’ Затоа во мене постојано си носам повеќе картички: слободна за транспорт, индекс, пасоши… и им велам: Ај едното да е лажно, ама не може сите да бидат лажни! Ми се случи во една филијала да ми викнат обезбедување, да се направиме партали и да дојде момент нивото на комуникација да се сведе на ‘ќе те тужам и ‘сакаш ли да леташ од работа’ за да ме остават на мир и да сфатат дека мене итно ми треба банкарска услуга и оти дека тоа се моите вистински документи. И да сфатат дека немам време да чекам и да му објаснувам некому зошто мене ми се такви документите. Ми попуштија на крајот. Само, ете те зафркаваат, се изживуваат. Кога ќе му кажеш на тој, таа, знаат. Само, зошто да не си ги излечат комплексите? Има боксерска вреќа пред него, па денот ако му е лош, удри! Тоа е моето искуство. Непријатно е да приложуваш лични документи генерално, на шалтер, на личност што првпат ја гледаш и ти е никој и ништо!“, револтиран е Јовановски.

    Новиот Закон за матична евиденција што го изработува Министерството за правда, е револуционерен и воедно олеснувачки за цврстите ставови на Управата за водење матични книги, која без јасни законски одредби не сака да слушне да дава или да менува матични броеви на лица кои се родени во Македонија; – Министерот за правда Бојан Маричиќ.  (Фото: Фејсбук)

    Не е помалку поразително за трансродовите лица, наши неколкумина сограѓани, и кога сакаат покрив над главата. И до ова право тешко доаѓаат, т. е. најмуваат стан само на среќа.

    „Има потешкотии. На дел од луѓето името и презимето им се променети во лична карта, односно во документите, а секс-маркерот не може да се смени сè уште. Фактички, податоците не им се поклопуваат. На пример, имаше трансродово лице со женско име, а секс-маркер (род) машки. А пред вас гледате жена. Само на среќа може оние кои го издаваат станот да не го забележат секс-маркерот, родот во личната карта. Инаку, мислат дека станува збор за изманици со лажни документи. Никој од прва не помислува дека станува збор за транс човек. Ако имаш сменето име и презиме е полесно. Јас, на пример, немам сменето име и презиме, имам старо име и презиме во личните документи, изгледам како што изгледам и каде што ќе отидам некаде да приложам документи, имам проблем. Затоа што се убедени дека јас сум машко, а имам женско име и презиме во личната карта. Продавав стан на едно место, купував тука, бев во таков процес и не ми остана време да ги сменам барем името и презимето. Се надеваме дека Законот за матична евиденција ќе се смени. Чекам да си ги сменам целосно документите, зашто не ми врши работа сега да го сторам тоа, кога ознаката за род ќе ми остане иста“, појаснува Предраг.

    Овој млад човек е редок среќник меѓу трансродовите лица кој нашол работа во невладината организација „Трансформа“, каде секојдневно се соочува со случаи на тешка дискриминација врз луѓето како него. Но, има и по некоја позитивна вест таму. Во последно време, вели, на негово големо изненадување, се појавуваат случаи кои што се прифатени од дома.

    „Некои родители стапуваат во контакт со нас за да видат што е трансродовост, што е медицинска транзиција, која е постапката за промена на име, на документација, за нешто што е незамисливо за средина каква што е во Република Северна Македонија. Од друга страна, има и луѓе што не се прифатени од дома, избркани од дома. Имавме случај на тепано трансродово лице, психички и физички малтретирано, но за среќа, сега истата таа личност е прифатена од дома. Имавме случај на експлицитно тешко семејно насилство. Многу беше вознемирувачко тоа да се гледа, а ние на личноста не можевме да ѝ помогнеме, зашто беше малолетна. А институциите не излегоа во пресрет. За среќа, сега таа ситуација е многу подобро од тоа што беше“, вели Предраг.

    Државата не води статистика колку лица во моментов се во транзиција.

    Државата не води статистика. Јас колку што знам, некои 10-тина лица треба да се, на возраст од 20 до 30-ина години. Тие постарите не се во транзиција. Никогаш не е доцна да се почне, но на промените, особено на физичките, им треба многу подолго време ако почнете на 40, 50 години. Тогаш веќе телото ти е оформено. Поинаку е ако се почне на 20 години. Тогаш полесно доаѓаат физичките промени. Не можеш да се смениш на 50, како што можеш да се смениш на 20 години. Од друга страна, психичките промени и потешкотии од хормоналната терапија се многу потешки кога си повозрасен. Јас познавам неколку случаи што се откажале од хормонална терапија, зашто психички не може да ја поднесат“, вели Јовановски.

    Тој е убеден дека законската измена што треба Владата прва да ја направи во преостанативе денови од овој месец, а потоа таа да се изгласа во Собранието, ќе ги реши сите овие проблеми на малата трансродова заедница кај нас. Нема ни овие лица, ни лекарите, ни банките, ниту работодавците, а ни ниту издавачите на станови да имаат проблем, а со тоа ни државата.

    „Уф, тоа како ќе го реши проблемот. Ти секако менуваш име и презиме, и со можноста да го смениш родот, проблемот главен ќе се реши. Јас сега со целосно машки изглед да имам лични документи каде што ќе пишува род ‘машки’ и да ми стои и името Предраг Јовановски, јас можам да отидам да се вработам на сите огласи што налагаат високо образование. Тоа сега го нема. Можам да отидам во банка и да не ме гледаат чудно, да не бидам слонот во собата. И да ме сопре сообраќајна полиција, да ми побара возачка дозвола, нема да ми биде проблем да ја покажам. Ако сакам да стапам во брак, нема да ми биде проблем. Сè за што се бараат лични документи, нема да ми прават проблем. На крајот на краиштата, еден претрес да ти направат во Градскиот парк, настанува проблем кај трансродовите лица со личните документи. Со промената на родот, нема дискриминација, нема проблем банката, нема проблем полицијата, нема тој што ни издава станови, нема проблем работодавецот, општеството го решава проблемот со нас само неколкумина луѓе“, убеден е Јовановски.

    Тој смета дека општеството со овозможување на промена на родот не е засегнато по ниту еден основ. Дека ако се изгласа законот, на останатите граѓани  кои не се во транс-заедницата тоа буквално ништо нема да им смени. И не е фер што одлучува за тој закон некој што одреден проблем не го засега воопшто, вели Предраг.

    „Колку сакаат нека чинат и ампули и хормони и операции на пол што сами се си плаќаме, јас лично сметам дека најважно од сè е промената на родот. Ова е системска дискриминација, тебе системот не те признава, не ти го признава основното човеково право, а потоа и сите други права. Права што ги уживаат останатите граѓани! Ако тој што го поставува системот те дискриминира и не ти го признава идентитетот, што останува со останатите луѓе во низата? Па сите те дискриминираат!“, револтирано вели Јовановски.

    Предраг вели дека трансродовите лица можат да обезбедат егзистенција само хонорарно, и тоа во невладини организации ако најдат работа, и како сексуални работници. Ова второто, вели тој, не е по волја, туку е борба за живот; – Од перформансот во Скопје за одбележувањето на 17 Декември, Меѓународниот ден против насилството врз сексуалните работници. (Фото: СДК.МК)

    Во јануари лани, судот во Стразбур пресуди против Република Северна Македонија во полза на тужителот Икс, трансродово лице кое 9 години водеше правна битка за промена на родот во матичниот број. Државата овој изгубен спор ја чини 9.000 евра и Икс веќе го смени родот.

    „Пресудата налага индивидуален правен лек за Икс, нему да му се сменат податоците и да се донесе јасна законска рамка која ќе обезбеди брза, транспарентна и пристапна постапка за сите останати транс луѓе. Управата ги смени податоците на Икс. Има седум-осум случаи кои што чекаат да им се смени ознаката ‘м’ во ‘ж“ или од ‘ж’ во ‘м’. Тие не биле во Стразбур, уште чекаат и се подготвени. Судот во Стразбур вели да не се соочите повторно со арбитрарни одлуки, добро е да си ги прецизирате тие законски одредби. Новиот закон е во подготовка и ние сме вклучени во работата“, вели Наташа Бошкова, адвокатката на лицето Икс, од невладината организација „Коалиција Маргини“.

    А новиот закон што го изработува Министерството за правда, вели таа, е револуционерен во оваа смисла и воедно олеснувачки за цврстите ставови на Управата за водење матични книги, која без јасни законски одредби не сака да слушне да дава или да менува матични броеви на лица кои се родени во Македонија.

    Врз основа на самоопределување на едно трансродово лице ќе се врши измена на род, а со тоа и на ознаката во матичниот број. Битно постапката ќе се поедностави, нешто што го напиша Судот во Стразбур, за да државава го исполни. Ќе треба да се усогласи дали со изјава пред нотар или со формулар ќе се излезе пред Управата? Најверојатно ќе се оди само со изјава пред нотар, но тоа Министерството за правда за САКАМДАКАЖАМ.МК сè уште не го потврдува.

    Извесно е дека нема веќе да се бара медицинска документација или дополнителни критериуми што треба да се исполнат. Тоа го бараше и пресудата за Икс. Значи брза, транспарентна и пристапна постапка, а со тоа и крај на нивните лични проблеми и незгоди со невидена и нетипична дискриминација каде и да се најдат во Македонија. Со тоа и крај на општеството со проблемите на овие луѓе, на кои ќе им го признае основното човеково право на родова припадност.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира