На денешната седница на Владата беа усвоени иницијативите за заштита на две подрачја во нашата држава: Шар Планина и Осоговските Планини, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
„Владата донесе одлуки за прифатливост на предлозите на МЖСПП за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје во категоријата V – Заштитен предел“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека согласно законската процедура за прогласување на заштитени подрачја, во претстојниот период ќе бидат спроведени јавни расправи по предлозите со локалното население, како и сите засегнати страни, и по усогласувањето на мислењата и забелешките, ќе бидат изготвени конечни предлози за прогласување на овие локации.
„Прогласувањето на овие две подрачја што содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за заштитени зони, покрај тоа што значи исполнување на националните и меѓународните обврски за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет, исто така значи и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси, преку обезбедување еко-системски услуги и екотуризам“, изјави министерот Насер Нуредини за одлуките на Владата.
М. ИЛИОСКИ