ВЛАДАТА УШТЕ НЕ ЗНАЕ КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ КАМПАЊАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ

    ВЛАДАТА УШТЕ НЕ ЗНАЕ КОЛКУ ЌЕ ЧИНИ КАМПАЊАТА ЗА РЕФЕРЕНДУМОТ„Кампањата ќе биде информативна. Со неа ќе ги информираме граѓаните дека успешен рефендум значи отварање на патот на земјата за членство во Европската унија и НАТО, ќе биде презентиран договорот за името со Грција и за придобивките од него“, рече владиниот портпарол Муамет Хоџа (Фото: СДК.МК)

    Кампањата за референдумот за Договорот со Грција ќе биде информативна, но од Владата сè уште не знаат колку ќе чини рекламирањето. Владиниот портпарол Муамет Хоџа на денешната прес-конференција рече дека Владата на вчерашната седница донела одлука за спроведувања на кампања за референдумот и им наложила на сите министерства и државни институции во рок од три дена да поднесат информација до Министество за финансии колку средства можат да издвојат.

    „Кампањата ќе биде информативна. Со неа ќе ги информираме граѓаните дека успешен рефендум значи отварање на патот на земјата за членство во Европската унија и НАТО, ќе биде презентиран договорот за името со Грција и за придобивките од него. Секои министерство и институција од своите буџети ќе треба да кажат колку пари можат да се пренаменат за кампањата за референдумот. Тоа ќе биде од одредени заштеди од репрезентации или од други ставки. Сметаме дека референдумот е многу важен за земјата и сите средства кои ќе се користат за спроведување на кампањата ќе бидат јавно објавени“, рече Хоџа.

    Од Владата не знаат уште како ќе ја спроведуваат кампањата. Портпаролот Хоџа рече дека откако ќе имаат информација за средствата со кои ќе располагаат ќе направат план и програма за спроведување на референдумот и потоа најверојатно по наредната владина седница ќе излезат со детали.

    Државната изборна комисија за спроведување на референдумот за Договорот со Грција е предвидно да потроши околу 2,7 милиони евра. Тоа е намалување од 20 отсто во однос на средствата одобрени од Собранието во износ од 3,4 милиони евра.

    Референдумот ќе се одржи на 30 септември. Граѓаните од земјава и дијаспората ќе треба да одговорат на рефендумското прашање, кое ќе гласи „Дали сте за членство во Европската унија и НАТО со прифаќање на Договорот за името меѓу Македонија и Грција“.

    Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.

    Референдумот ќе биде консултативен, бидејќи не станува тука збор за менување на државните граници или за стапување на Македонија во сојуз со други држави, за да мора биде задолжителен.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира