Владата на денешната седница го усвои буџетот за 2023 година, кој на расходната страна ќе изнесува 324,8 милијарди денари (5,28 милијарди евра). Тоа е за 12,6 отсто повеќе во однос на 2022 година, кажа министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната презентација.
Со Предлог-буџетот за 2023 година, приходите се планирани на ниво од 282 милијарди денари (4,58 милијарди евра), што е за 14,8 отсто повеќе во однос на 2022 година. Дефицитот е проектиран на 4,6 отсто од БДП
Во предложениот буџет се планирани 75 милијарди денари за исплата на пензии или за околу 10 отсто повеќе во однос на годинава. Кај трансферите до единиците за локална самоуправа се планира зголемувањето на процентот на приходи од ДДВ кои се распределуваат на општините од 4,5 отсто на 5,5 отсто, а предвиден е и дополнителен пораст на општата дотација кон општините за 1,2 милијарди денари, со цел зголемување на фискалниот капацитет на општините. Дополнителното зголемување од 2 милијарди денари е наменето за финансирање на зголемените плати за 15 отсто во основно и средно образование на локално ниво, како и за воспитувачи и негователки во детските градинки.
795 милиони евра се предвидени за капитални инвестиции, или за 52,3 отсто повеќе во однос на 2022 година.
Економскиот раст во 2023 година е проектиран на 2,9 отсто.