ВЛАДАТА ВО 2023 ГОДИНА НЕ ДАДЕ СОГЛАСНОСТ ЗА ПРОДАЖБА НА АКЦИИ НА МАЦУРА, ТУКУ ГО АНГАЖИРАШЕ ПРАВОБРАНИТЕЛСТВОТО ДА ГИ ШТИТИ ДРЖАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ ОТКАКО МИЦКОСКИ JA ОБВИНИ ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА ЗА ДЕЛОВНИ ОДНОСИ

    ВЛАДАТА ВО 2023 ГОДИНА НЕ ДАДЕ СОГЛАСНОСТ ЗА ПРОДАЖБА НА АКЦИИ НА МАЦУРА, ТУКУ ГО АНГАЖИРАШЕ ПРАВОБРАНИТЕЛСТВОТО ДА ГИ ШТИТИ ДРЖАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ, КАЖА ФИЛИПЧЕ ОТКАКО МИЦКОСКИ JA ОБВИНИ ПРЕТХОДНАТА ВЛАДА ЗА ДЕЛОВНИ ОДНОСИЛидерот на СДСМ вели дека откако Мацура се стекнал со над 90 проценти од акциите во „Алта банка“, преостанатите македонски акции биле откупени по автоматизам и без согласност на Министерството за финансии. (Фото: СДСМ)

    Претседателот на СДСМ Венко Филипче, заедно со пратеничката група на партијата и коалицијата, на денешната прес-конференција во Собранието презентираше документи со кои тврди дека ги демантира наводите на премиерот Христијан Мицкоски изнесени на надзорната расправа за „Алта банка“.

    Филипче покажа записник од владина седница со кој се потврдува дека Владата предводена од СДСМ во 2023 година не дала согласност за продажба на акциите во „Алта банка“ и за влез во деловни односи со неа, како што рече дека тврди Мицкоски, туку побарала ангажирање на Државното правобранителство за заштита на државните интереси.

    Според објаснувањето на Филипче, станува збор за акции во белградската „Алта банка“ кои му припаѓале на македонското Министерство за финансии по основ на сукцесијата од поранешна Југославија. Давор Мацура побарал да ги откупи овие акции, но во 2023 година не добил согласност од тогашната Влада.

    Лидерот на СДСМ објасни дека откако Мацура се стекнал со над 90 проценти од акциите во „Алта банка“, преостанатите македонски акции биле откупени по автоматизам и без согласност на Министерството за финансии, согласно српскиот закон и правилата на Белградската берза.

    По овој процес, на седницата одржана на 24 октомври 2023 година, Владата донела заклучок да се ангажира Државното правобранителство да стапи во комуникација со српските институции и да ја застапува државата пред органите во Србија, со цел да се заштити државниот интерес во врска со малцинските акции откупени без согласност.

    Филипче додаде дека документот што го покажувал Мицкоски на расправата има сосема поинаква содржина од онаа што тој ја претставил во јавноста и дека во него нема ниту збор за продажба на акции или за воспоставување деловни односи со банката.

    Претходно, на надзорната расправа во Собранието за „Алта банка“, премиерот Христијан Мицкоски зборуваше за деловни односи меѓу македонската влада и „Алта банка“ во 2023 година. Тој рече дека на тогашната владина седница било разговарано и дадено овластување правобранителот да ги отуѓи акциите во сопственост на владата.

    Мицкоски наведе дека на таа седница присуствувале тогашниот премиер Димитар Ковачевски, првиот вицепремиер Артан Груби, како и министрите Фатмир Бесими, Крешник Бектеши, Јетон Шаќири, Бујар Османи, Оливер Спасовски, Благој Бочварски, Славјанка Петровска, Јована Тренчевска и Љупчо Николовски, додавајќи дека поради тоа политичката опозиција има најмалку право да зборува и да конструира за случувањата денес.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира