ВЛАДАТА ЖАЛИ ЗА ВПЕЧАТОКОТ ШТО ГО ДОБИЛЕ НЕКОИ РОДИТЕЛИ НА ЗАГИНАТИТЕ ДЕЦА ОД КОЧАНИ НА СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИ

    ВЛАДАТА ЖАЛИ ЗА ВПЕЧАТОКОТ ШТО ГО ДОБИЛЕ НЕКОИ РОДИТЕЛИ НА ЗАГИНАТИТЕ ДЕЦА ОД КОЧАНИ НА СРЕДБАТА СО МИЦКОСКИОд Владата велат дека не се точни наводите на родителите пренесени во дел од медиумите и се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина.(Фото: СДК.МК)

    Владата жали за впечатокот што некои родители го добиле и апелира да не се прави сензација од средба наменета за поддршка и сочувство, соопштија од Владата откако Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“ објави дека премиерот Христијан Мицкоски на 7 јули во Владата им рекол да си одредат цена за нивните деца. Од Владата велат дека не се точни овие наводи на родителите што беа пренесени во дел од медиумите и рекоа дека се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина.

    Тоа беше втора средба со семејствата и ние би потсетиле дека премиерот за време на средбата од почетокот и до крајот разговараше и се поздрави изразувајќи сочувство со сите присутни поединечно и низа други гестови и иницијативи и работи кои од етички и човечки причини навистина не сакаме да бидат предмет на јавна дискусија затоа што се интимни и длабоко приватни и ние тоа сакаме да го почитуваме. Сведување на дискусијата на „здраво како сте“ и „колку чини“ не само што не ја одразува вистинската дискусија и намера, туку е навредливо и се обидува да фрли сосема погрешно светло на намерите и постапките на Владата, определувајќи ги како длабоко нечовечни што е несоодветно и неточно“, соопштија од Владата.

    Од Владата велат дека се тука за семејствата, за сè што им е потребно и секогаш ќе биде со нив „дури и кога за некои работи ќе имаат различни мислења“. Апелираат да не се злоупотребуваат овие настани и моменти и да не се суди врз база на гнев и тенденција.

    Родителите на децата кои загинаа во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во обраќање преку Фејсбук страницата на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“ го обвинија премиерот дека длабоко ги навредил на состанок во Владата одржан на 7 јули. Според нив, кога го разгледувал барањето за еднократна парична помош за душевна болка, премиерот им рекол: „Ова барање е исто како предлогот на СДСМ, само што вие немате ставено цена. Одредете си цена за вашите деца“.

    Родителите на 1 јули испратиле барање и до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши.

    Со премиерот се сретнале на  7 јули во Скопје, иако инсистирале средбата да се одржи во Кочани, затоа што од Кабинетот им било одговорено дека тоа не е можно од безбедносни причини.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира