Со почетокот на преговорите со ЕУ на вашата земја, ние ќе мора да им веруваме на вашите институции, но најважно од сè и граѓаните на вашата земја ќе треба да им веруваат на институциите, кажа холандскиот амбасадор во Скопје Јан Коп на одбележувањето на Неделата на интегритет и антикорупција. Амбасадорот Коп додаде дека владеењето на правото ќе привлече инвестиции, но транспарентноста и интегритетот ќе ги задржат младите во земјата.
„Интегритет е да се прават вистинските работи и кога никој не те гледа“, кажа Коп.
На настанот зборуваше и министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски, кој рече дека во денешно време главен сегмент за борба против корупцијата е дигитализацијата.
„Сè што има допир со човек, може да се корумпира. Затоа е битна дигитализацијата и редизајнирањето на начинот на функционирање на системот“, рече Манчевски.
Неделата на интегритет и антикорупција се одбележува за првпат кај нас, од 3 до 11 февруари, во организација на Интернационалната стопанска комора, со поддршка на Холандската амбасада.