ВЛАТКО ЃОРЧЕВ НИ ПОМОГНА ДА ГО ИЗВЛЕЧЕМЕ СЕЛА, СВЕДОЧЕШЕ ЧЛЕНОТ НА СОБРАНИСКОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ АЉИФИ

    ВЛАТКО ЃОРЧЕВ НИ ПОМОГНА ДА ГО ИЗВЛЕЧЕМЕ СЕЛА, СВЕДОЧЕШЕ ЧЛЕНОТ НА СОБРАНИСКОТО ОБЕЗБЕДУВАЊЕ АЉИФИЛидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села пристигнува во Основниот суд Скопје 1 за претходното рочиште од судењето. (Фото: СДК.МК)

    Толпата која влезе во прес-центарот во Собранието бараше шиптарска крв, а имињата на Зоран Заев, Зијадин Села и на Талат Џафери ги слушав дека треба да се нападнат, сведочеше Абдулфетах Аљими, член на собраниското обезбедување, на судењето за обидот за убиство на пратеникот Села на 27 април минатата година.

    Аљими, кој е во притвор како еден од обвинетите за организираниот напад  во Собранието, вели дека на 27 април помогнал да се извлече Села од Собранието.

    „Прво го видов Села во прес-центарот откако толпата влезе и почна да со нападот на пратениците. Беше страшно, се соочувавме со смртта цело време, очекувавме во секој момент толпата да извади пиштол. На Заев му викаа предавник, ти си шиптар. Еден со фантомка беше качен на маса и даваше инструкции на масата. Кога слушнаа дека сум Албанец и мене ме нападнаа, па излегов од прес-центарот. Тогаш уште Села стоеше со другите пратеници“ рече Аљими.

    Тој ги препозна обвинетите Александар Јаневски и Кире Георгиевски дека биле дел од толпата во прес-центарот. Аљими рече дека по извесно време го повикала колешка од Собранието да дојде во Клубот на пратеници оти Села е повреден.

    „Кога го видов мислев, дека е мртов. Во просторијата беше еден човек со бела маица на главата. Го удри. Му реков: немој мртов е, па се повлече. Потоа го однесоа во бифето и викнавме лекар од Собранието. Колешката ја држеше врата оти толпата сакаше да влезе и им велеше тука имаме повреден полицаец“ раскажуваше Аљими.

    Потоа заедно со уште едно лице почнале да го евакуираат Села од Собранието низ надворешните скали.

    „Чув гласови: уште не завршивме со Села. Влеговме во една канцеларија му реков на Села: не се грижете, додека сум јас жив ќе бидете и вие. Телефонски се чув со поранешниот пратеник Зулфи Адили и договаравме како да го извлечеме. Ми рече дека во гаражата ме чека блиндирано полициско возило. Го маскиравме Села, му ставивме капче да не го препознаат. Пратеникот Влатко Ѓорчев ни помогна да го симнеме до гаражата“ сведочеше Аљими.

    Одбраната на обвинетите немаше прашања за сведокот. Наредни треба да сведочат пратеникот Мухамед Зекири и членот на обезбедувањето на Собранието Игор Јанакиев.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари