ВЛЕЗОТ ВО ЕУ Е КАКО ВИДЕО ИГРА, ЗА СЕКОЕ НИВО ДОБИВАШ БОНУС, РЕЧЕ МОГЕРИНИ

    ВЛЕЗОТ ВО ЕУ Е КАКО ВИДЕО ИГРА, ЗА СЕКОЕ НИВО ДОБИВАШ БОНУС, РЕЧЕ МОГЕРИНИДобивање препорака е заеднички успех на Владата и опозицијата и тие треба и следните чекори да ги продолжат заедно и да ја преземат одговорноста.Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини, ја пречекаа пред Владата премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров (Фото:М. Златевска)

    Се вративте назад на патеката кон Европската унија. Во целиот регион донесов добри вести дека Европската комисија препорача почеток на преговорите за членство во Европската унија, рече Федерика Могерини, високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, на заедничката прес конференција со премиерот Зоран Заев во Скопје.

    „Може да славите пола ден и потоа да се вратите на работа. Овој резултат е заеднички на Владата и опозицијата и тие треба и следните чекори да ги продолжат заедно и да ја преземат одговорноста за тоа“, рече Могерини.

    Процесот за членство во ЕУ, Могерини го објасни како играње видео игра.

    „Кога ќе завршите едно ниво, одите на друго ново ниво, но добивате и бонус. Вистинската цел не се институциите, туку подобрување на стандардот на граѓаните и подобар квалитет на живот. Сето ова започна и ова се придобивки кои членството во ЕУ ги носи со себе. Следно ниво е спроведувањето на реформите. Во препораката има два магични збора: подобрување и продлабочување. Да се биде транспарентен, одлучен, значи дека ќе се остварат и вистинските резултати“ кажа Могерини.

    За спорот за името и најавите од министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас дека нема време Македонија да влезе во НАТО до јуни, Могерини рече дека има време до два и пол месеци што треба да се искористи позитивно и храбро и дека не може да шпекулира што до тогаш би се случило.

    Премиерот Зоран Заев повтори дека Македонија заслужено добила чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ.

    „За десет месеци постигнавме голем напредок во процесите за интеграција во ЕУ. Вреднувани се реформите во повеќе клучни области, како и политиките на пријателство и добрососедство. Го затворивме спорот со Бугарија, а на пат сме да го затвориме и со Грција. ЕУ даде заслужена чиста препорака за почеток на преговорите со Европската Унија. Препораката неколку години наназад беше условена поради длабоката политичка криза и назадувањето со реформите“, рече Заев.

    Владата ќе продолжи со имплементацијата на реформите и се надева дека во јуни Македонија ќе добие датум за почеток на преговори.

    По средбата со премиерот Заев, високата претставничка на ЕУ Могерини ќе се сретне со лидерите на политичките партии, претседателот на државата Ѓорге Иванов, собранискиот спикер Талат Џафери, а утре треба да се обрати во Парламентот.

    За вечерва е најавена и вечера на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Могерини со премиерите од шесте земји на Западен Балкан во Скопје.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари