Ако претседателот на Собранието Талат Џафери одлучи Собранието да не ги разгледа амандманите на ВМРО-ДПМНЕ поднесени за Законот за употреба на јазиците, е кршење на процедурата предвидена во собранискиот Деловник, рече пратеникот Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешниот брифинг со новинарите.
Димовски вели дека не е точно дека амандманите се поднесени за да се спречи донесувањето на Законот за употреба на јазиците, туку се поднесени по основ на забелешките на претседателот Ѓорге Иванов на Законот.
„Не може претседателот Талат Џафери да го оспори правото на ниту еден пратеник да поднесе амандман и да оспори, односно Собранието да не ги разгледа. Повтореното трето читање не е оценување на уставноста. Но, пратениците имаат право, во отстапка да укажат дали одредени решенија во законот се уставни или не. Собранието тоа го има како надлежност. И во претходните фази, постоело. Третата фаза која сега е во Собрание е целосно легитимна, а основ, се забелешките на претседателот Ѓорге Иванов“, рече Димовски.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, според Димовски, нема намера да ја запре расправата за Законот за употреба на јазиците. Тој вели дека законот за јазици не е закон, туку сè уште е во фазата на предлог на закон, бидејќи не бил објавен во Службен весник.
„Поднесувањето на 35 илјади амандмани е со цел да ја разбуди свеста кај Владата дека за овие прашања треба да биде постигнат општествен консензус. Тие треба да разговараат со професори правници и албанолози, да ги слушнат ставовите на помалите политички заедници“, кажа Димовски.
Г. ТРПЕНОСКИ