ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за употреба на јазиците. Иницијативата е поднесена, како што рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, оти законот бил противуставен, донесен во нелегална процедура и штетен.
„ВМРО-ДПМНЕ бара од Уставниот суд донесување на времена мерка – запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на Законот за употреба на јазиците и Указот за прогласување на истиот, чија уставност се оспорува, од причина што доколку започне да се применува постои ризик од настанување на штетни последици“, изјави Јанушев.
ВМРО-ДПМНЕ апелира Уставниот суд да одлучи со најголема итност и да донесе одлука со која го укинува Законот за употреба на јазиците.
Јанушев рече дека Указот за прогласување на законот за употреба на јазиците е објавен само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери и без потпис на Претседателот на државата Ѓорѓе, што било во спротивност со Уставот.
Г. ТРПЕНОСКИ