ВМРО-ДПМНЕ СЕ ВРАЌА ВО СОБРАНИЕТО СО ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ВЛАДАТА, РЕФОРМИТЕ ДОГОВОРЕНИ

    ВМРО-ДПМНЕ СЕ ВРАЌА ВО СОБРАНИЕТО СО ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ВЛАДАТА, РЕФОРМИТЕ ДОГОВОРЕНИОпозициската партија го бојкотираше Собранието поради притворот за шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. - Мицкоски со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред Собранието на 9 јануари (Фото: СДК.МК)

    ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да се врати во Собранието. Одлуката на Централниот комитет на партијата ја соопшти лидерот Христијан Мицкоски. Веднаш по враќањето во Собранието, како што најави Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за работата на владата на премиерот Зоран Заев.

    „Првиот чекор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде покренување на прашање за гласање на недоверба на владата, затоа што од она што досега видовме се работи за влада со изгубен кредибилитет, влада која не работи за граѓаните и ја турка државата во амбис. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во детали ќе изложат аргументи зошто оваа антинародна и антидржавна влада треба што поскоро да замине. Колку побрзо толку подобро за државата. Оваа криминална влада станува запаметана како најнеспособната досега од осамостојувањето на Република Македонија“, изјави Мицкоски.

    Тој потврди дека преговорите за реформските закони се влезени во финалната фаза.

    „Во финална фаза се преговорите за реформските закони при што е постигната согласност за поголемиот дел на закони, при што беа прифатени голем дел на наши забелешки и укажувања за подобрување на законите. По целосното финализирање кое што се надевам дека ќе биде готово во следните денови ќе инсистираме за тоа да се добијат и писмени гаранции“, рече Мицкоски.

    ВМРО-ДПМНЕ се враќа во Собранието по над три месеци бојкот. Опозициската партија го бојкотираше Собранието поради притворот за шестмина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, или како што изјави Мицкоски, 12 отсто од пратеничката група била во притвор, под обвинение за учество во организираниот напад на Собрануето на 27 април лани.

    Врховниот суд на 26 март донесе одлука да им ја замени мерката притвор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски и Сашо Василески со мерка куќен притвор и двајцата последни излегоа од истражниот затвор во Шутка. Во куќен притвор е и Љубен Арнаудов, а на Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, Врховниот суд им ја укина мерката куќен притвор со обврска да се јавуваат еднаш неделно во основниот суд на чија територија имаат живеалиште. Против пратеничката Жаклина Пешевска запрена е истрагата за учество во организираниот напад на Собранието на 27 април поради немање докази.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира