Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ на изборите од минатата година, Гордана Силјановска-Давкова ќе биде носител на пратеничката листа во првата изборна единица на парламентарните избори. По вечерашниот Централен комитет на опозициската партија беа избрани носителите на листи во сите изборни единици и кандидатите за пратеници, а утре на конгрес листите ќе бидат и официјализирани.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема да биде носител во ниту една изборна единица.
На листите за пратеници ги нема досегашните пратеници Илија Димовски и Влатко Ѓорчев.
Во втората изборна единици носител ќе биде поранешниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, во третата изборна единица генералниот секретар Игор Јанушев, а во четвртата поранешниот пратеник Александар Николовски. Петтата изборна единица ќе ја предводи оперскиот пејач Игор Дурловски, а во шестата носител ќе биде пратеничката Дафина Стојановска.
Разрешената техничка министерка Рашела Мизрахи ќе биде втора на листата во втората изборна единица, а Антонијо Милошоски втор на листата во петтата изборна единица.
„Кандидатите за пратеници се направени врз основа на внатрепартиски анкети. На сите досегашни пратеници им се заблагодарив за сето она што досега го направија во пратеничките состави. Повеќе од 95 се луѓе кои за прв се наоѓаат на листите за пратеници. Тоа ќе ја донесе победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори“, рече Мицкоски.
До 12 март партиите треба да ги поднесат кандидатските листи до Државната изборна комисија
А. АНТЕВСКА