Новите министри и заменици-министри совесно ќе си ги вршат своите обврски почитувајќи ги законите, рече премиерот Зоран Заев во експозето за реконструкцијата на владата на денешната собраниска расправа.
За нови министри во ресорите правда, во образование, во култура и министер без ресор, ги предложи Рената Дескоска (СДСМ), Арбр Адеми (ДУИ), Асаф Адеми (Беса-крилото на Африм Гаши) за култура и Бардил Даути (ДПА).
За заменик- министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за транспорт и врски Садик Беќири.
Во владата со реконструкцијата влегуваат крилото на Движењето Беса на Африм Гаши и ДПА, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите на Амди бајрам, кои добива директорски места.
„Зад нас е една година од формирањето на оваа влада, и успеавме да ја надминеме политичката криза. Среќен сум кога ќе се сетам каде бевме, а каде сме сега. Можеме и имаме намера да постигнеме многу повеќе, се движиме во вистинска насока. Во Собранието наскоро ќе бидат ставени големи одлуки кои ќе донесат благосостојба на граѓаните, рече Заев, и кратко ги прочита биографиите на новите министри.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски во репликата кон Заев рече дека реконструкцијата е само да се зголеми парламентарното мнозинство и ја нарече пазарџиска.
„Оваа реконструкција на Владата е во министерствата кои потфрлија и каде имаше повеќе скандали. Има министри, како што рековте во една изјава, кои не се снаоѓаат и не работат, некои делумно работат, некои се залутани на функцијата“, рече Димовски
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, рече дека денес треба да се разговара за реконструкција која ќе ги вклучува оставките на премиерот и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, бидејќи нема реформи, има нарачани пресуди, и се тргува со државните и националните интереси.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, владата на Заев ја нарече „ќе влада“.
„Оваа Влада ќе остане запаметена како ‘ќе’ влада, бидејќи една година само вика ‘ќе’. Нема ништо сторено ниту сработено, нема резултати за една година од формирањето“, рече Данев.
На обвинувањата на пратениците на опозицијата реагираше координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, кој рече дека ако актуелната влада е „ќе“ влада, тогаш претходната била „не“ влада, односно антивлада.
Дебатата започна за реконструкцијата, но расправата до паузата во 14 часот, прерасна во меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата што направиле и што не направиле. Претходните влади и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, како и за рејтингот на лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Собранието моментално е на пауза до 15 часот. Според партискиот договор, расправата за министрите би требало да заврши до 24 часот. Од 19 часот е предвидена уште една пауза до 21 часот, поради ифтар, вечера поради муслиманскиот празник Рамазан.
Г. ТРПЕНОСКИ