ВМРОВЦИТЕ ЈА ОКУПИРАА ГОВОРНИЦАТА ПРЕД ГЛАСАЊЕТО ЗА РЕБАЛАНСОТ, ТАЛАТ ЏАФЕРИ КАЖА ДЕКА НЕ МОЖЕ САМ ДА ГИ ТРГА ПРАТЕНИЦИТЕ ЕДЕН ПО ЕДЕН

    ВМРОВЦИТЕ ЈА ОКУПИРАА ГОВОРНИЦАТА ПРЕД ГЛАСАЊЕТО ЗА РЕБАЛАНСОТ, ТАЛАТ ЏАФЕРИ КАЖА ДЕКА НЕ МОЖЕ САМ ДА ГИ ТРГА ПРАТЕНИЦИТЕ ЕДЕН ПО ЕДЕНКавгата изби меѓу спикерот Талат Џафери и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој не сакаше да ја напушти говорницата, откако Џафери му го одзеде зборот. (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Во Собранието, пред носењето на ребалансот на Буџетот, изби инцидент меѓу претседателот Талат Џафери и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Џафери кажа дека ќе повика обезбедување за да ги тргне пратениците од опозицијата за да доврши седницата.

    По паузата, пратеникот Димитар Апасиев од Левица побара збор и на говорница му ги прочита чекорите на Џафери пропишани во законот и во собранискиот Деловник. Му кажа дека собраниското обезбедување не смее да го пречекори прагот во собраниската сала, а не пак да пипне пратеник, зашто кривично ќе одговара.

    „Сега јас да ви ги кажам моите чекори. Јас сум пешадинец во војска, моите чекори се кратки. Поточно да ви ги прочитам законите и Деловникот. Јас не можам да со свои раце да ги тргам еден по еден пратениците кои се насобраа тука и ја прекинаа седницата. Има црвена линија. Не дозволувам веќе кој стигне да окупира, се собира, ми врши притисок и се заканува. Не дозволувам да се тепаат пратеници”, рече Џафери и ги прочита овластувањата за сите ситуации во законот, од опомена, до повикување на обезбедување

    Кавгата изби меѓу спикерот Талат Џафери и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, кој не сакаше да ја напушти говорницата, откако Џафери му го одзеде зборот, со образложение дека нема право на процедурална забелешка.

    „Немојте да замислувате дека ќе повторите некои работи што се случија овде. Се однесува на сите што се обидуваат да ја заземат говорницата и на сите што се заканувате. Не си играјте. Има Деловник за работа. Пет дена ве слушам и направив моја статистика. Од 53 пратеници кои говореле, 28 се од опозиција и 25 од мнозинството, не сметајќи ги репликите. Имавме договор дека денеска ќе завршиме. Прашав дали има потреба мнозинството да обезбеди мнозинство. Сите се согласивте дека не мора, затоа што се работи за Буџет. На завршните зборови излегувате сите надвор за да покажете дека мнозинството нема мнозинство. Слушајте ме сите од опозицијата: или има договор или ќе кажете од почеток дека нема договор“, зборуваше претходно Џафери.

    Околу говорницата се собраа и други пратеници, а Џафери ги замоли сите да се вратат на своите места.

    Откако се објасни Џафери со опозицијата, почна гласањето. Со 55 гласа „за” и 24 „воздржани”, Собранието на полноќ часот го донесе вториот ребаланс на Буџетот за 2020 година.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира