ПОСЕБЕН ПУНКТ ЗА ТЕСТИРАЊЕ ЗА КОРОНАВИРУС ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗА ДА СЕ ЗАБРЗА ПРИЕМОТ НА ПАЦИЕНТИ КОИ ИМААТ ДРУГА МАКА

    ПОСЕБЕН ПУНКТ ЗА ТЕСТИРАЊЕ ЗА КОРОНАВИРУС ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ЗА ДА СЕ ЗАБРЗА ПРИЕМОТ НА ПАЦИЕНТИ КОИ ИМААТ ДРУГА МАКАВо Градската општа болница „8 Септември“ ќе има посебен мобилен тим за тестирање за коронавирус на пациентите кои се примаат за друга здравствена услуга. Ургентниот центар на „8 Септември“ во февруари минатата година по големата автобуска несреќа кај Ласкарци - (Фото: СДК.МК)

    Во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје ќе има посебен мобилен тим за тестирање за коронавирус на пациентите кои се примаат за некоја друга здравствена услуга, кажа министерот за здравство Венко Филипче. Таму сега се препраќаат сите пациенти, не само од Скопје, туку и од внатрешноста кои имаат потреба од други здравствени интервенции, а се сомнителни на КОВИД-19.

    Овој пункт за тестирање ќе се воведе за да се забрза процедурата за прием на пациенти, кои имаат друга мака, но поради сомничавоста да не случајно се позитивни на коронавирус, прво се задржуваат во изолиран дел, додека не стасаат резултатите од Институтот за јавно здравје. Од таму велат дека сите сомнителни случаи се тестираат и за секој случај се носат во изолираниот дел на болницата, кој е наменет за пациенти позитивни на коронавирус.

    „Додека не стигнат тестовите, со овие сомнителни пациенти се постапува како во случаи кои се позитивни на КОВИД-19“, вели директорот на болницата „8 Септември“ Кристијан Костов. Сепак, деновиве имало неколку случаи, кога станува збор за потреба од итна интервенција лекарските тимови да не ги чекаат резултатите. Во болницата се резервирани две сали кои ќе се користат за пациенти сомнителни на КОВИД-19, или регистрирани заразени на кои покрај третман од инфектолози, им треба и интевенција од други специјалности.

    Од 20 март ГОБ „8 Септември“ работи со посебен режим, кој се практикувал уште од времето кога таа беше Воена болница на бившата ЈНА со сценарио за поголеми несреќи или елементарни непогоди. Одвоени се повеќе делови од зградата, како делови за изолација на пациенти во делот на тријажата, една посебна операциона сала и една ангиографска сала, и целосно издвоен оддел кој има 22 кревета и 2 респираторни машини.

    „Со оваа работа ги обезбедуваме сите пациенти кога ќе бидат дијагностицирани со КОВИД-19 или се сомнителни, да бидат испратени во ‘8 Септември’. Кадарот помина една кратка едукација доколку станува збор само за сомнение и нема потреба од итност, ќе се почекаат резултатите и ќе се види каде ќе се лекува“, рече министерот за здравство Венко Филипче на 19 март.

    „За да се добиваат побрзо резулатите, еден мобилен тим ќе има за тестирање на пациентите кои се примаат во болницата“, рече министерот Филипче на денешната редовна прес конференција и најави и други мобилни тимови што ќе работат преку закажување за тестирање, „кое ќе биде пред сѐ наменето за возрасните граѓани да не излегуваат од дома“.

    Четириесет и петгодишниот маж од Куманово, еден од последните два смртни случаи од коронавирусот, од Инфективното одделение во болницата во Куманово прво бил пренесен во „8 Септември“, каде бил  иницијално третиран. Потоа бил префрлен на Инфективната клиника во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, каде дошло до влошување на состојбата и починал.

    Од денеска е отворен и пунктот за тестирање во Поликлиниката во Чаир, а утре се отвора во Млин Балкан, и со тоа, вели министерот Филипче, капацитетот во Скопје се дуплира. Тој најави дека до крајот на неделата почнуваат со работа и другите пунктови низ државата, како поддршка на пунктовите во центрите за јавно здравје.

    Министерството за здравство вклучи близу 1.200 матични лекари во системот на детекција и следење на пациентите со коронавирус.

    „Секој матичен лекар, кој преку Мој термин му закажува на својот пациент тестирање за КОВИД-19, ги добива резултатите на пациентот и доколку на пациентот му се одреди домашно лекување точно ги знае насоките за негово следење. За пациент на домашно лекување, матичниот лекар постапува по претходно утврден и усвоен протокол на стручниот колегиум на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Согласно протоколот, матичниот лекар има обврска да го контактира пациентот два пати во текот на денот, да го известува системот Мој термин, кој потоа во форма на електронскиот извештај го испраќа во Министерството за здравство и до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби“, велат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира