ВО 9 ГРАДА СЕМЕЈНИТЕ ЛЕКАРИ И ГИНЕКОЛОЗИТЕ ОД БОЛНИЦИТЕ ЌЕ СТАНАТ МАТИЧНИ ЛЕКАРИ

    ВО 9 ГРАДА СЕМЕЈНИТЕ ЛЕКАРИ И ГИНЕКОЛОЗИТЕ ОД БОЛНИЦИТЕ ЌЕ СТАНАТ МАТИЧНИ ЛЕКАРИФондот за здравство и Министерство за здравство ќе ги овластат семејните лекари и специјалистите гинеколози од болниците да бидат матични лекари, оти има цели градови каде нема примарна здравствена заштита; - Гинеколошко-акушерската болница „Мајка Тереза“ во Чаир (Фото: СДК.МК)

    Недостигот од матични гинеколози здравствените власти ќе го решаваат со тоа што во одредени општини ќе им дозволат на семејните лекари да даваат пакет гинеколошки услуги, а во други ќе ги овластат гинеколозите специјалисти од секундарно ниво на здравствена заштита да бидат матични лекари. Ова денес го најави министерот за здравство Венко Филипче, на презентацијата на резултатите од пероектот на Владата со Фондот за популација на Обединетите нации (УНФПА). Тој кажа дека овој пилот проект ќе го почнат во Крушево, Пробиштип, Македонски Брод и Демир Хисар, каде воопшто нема матични гинеколози, и со тоа соодветно ќе бидат покриени над 16.000 жени. Во Тетово, Гостивар, Куманово, Прилеп и Струмица, според истражувањето од овој проект има матични гинеколози, но се недоволни и ќе дозволат лекари од болниците да бидат матични лекари.

    „Подготвивме акциски план заедно со Фондот за здравствено осигурување семејните лекари да дадат пакет гинеколошки услуги, а во дел специјалистите гинеколози заедно од секундарното здравство да добијат печати да можат да работат како матични лекари. Верувам дека ова се модели кои може да дадат резултати во нашата земја, а Светската здравствена организација го посочи како можен модел и се надеваме дека со имплементација ќе може да почнеме на почетокот на летото за да се зголеми пристапот на жените кон гинеколошки услуги“, рече Филипче.

    Тој кажа дека специјалистите од болниците од секундарно ниво на здравствена заштита ќе останат да работат во болниците, но ќе добијат и печат за матичен лекар.

    „Тоа сега е административно невозможно, и со Фондот за здравствено осигурување ќе им го овозможиме тоа, тие практично ќе ја следат жената во текот на целата бременост. А и праксата на СЗО покажува дека на овој начин се намалуваат и компликациите при породувањето, бидејќи дел од новороденечката смртност се доилки и на компликации во текот на бременоста и во текот на породувањето. Вкупната бројка на гинеколози во земјава е сосем доволна, но распоредот не е доволен“, рече Филипче.

    Во руралните средини гинеколошки услуги даваат мобилни тимови од Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.

    Филипче кажа дека со проектот со УНФПА, вреден 106.000 долари во кој пари биле обезбедени и од буџетот на Владата, вработените во Клиниката за гинекологија и акушерство и во болницата во Тетово поминале обуки за перинатална грижа, донеле 15 протоколи за акушерско-гинеколошка заштита, а во тек е обука на кадарот во 33 родилишта во земјата.

    „2017 година ја почнавме со големи проблеми во овој дел, каде смртноста на бебињата на Клиниката за гинекологија беше 36 деца на 1.000 живородени, а лани заврши со 24 на 1.000 живородени. Овозможивме бесплатни прегледи и породување за жените во социјален ризик, бесплатна фолна кислеина за сите жени, како и бесплатно контрацептивно средство за жените во ризик. Овозможуваме и таблетарно контрацептивно средство со промена на позитивната листа на лекови, а Законот за здравствно осигурување е во собраниска процедура“, вели Филипче.

    Според ова истражување, во земјава има 1.532 матични гинеколози, од кои 284 се лекари по семејна медицина, односно на 100.000 жени има 17 гинеколози, што е над европскиот поросек, но тие се лошо распоредени.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира