ВО АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТ ПРЕДЛОЖЕНА РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ПОДДРШКА НА ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТО

    ВО АМЕРИКАНСКИОТ СЕНАТ ПРЕДЛОЖЕНА РЕЗОЛУЦИЈА ЗА ПОДДРШКА НА ДОГОВОРОТ ЗА ИМЕТОВо резолуцијата се изразува предупредување и загриженост поради руското мешање и обидите за поткопување на договорот. - Сенаторите Рон Џонсон и Крис Марфи (Фото: Твитер/Фејсбук)

    Американските сенатори Крис Марфи и Рон Џонсон предложија во Сенатот резолуција за поддршка на договорот за името меѓу Македонија и Грција, јави државната агенција МИА. Во резолуцијата се изразува предупредување и загриженост поради руското мешање и обидите за поткопување на договорот.

    Во резолуцијата 602, веќе претставена пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот, се вели дека премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас успеаја заеднички да постигнат историски договор за решавање на повеќедеценискиот проблем.

    „Ако биде ратификуван, договорот ќе ѝ го отвори патот на ’Република Северна Македонија‘ да се приклучи во НАТО и ЕУ, ќе ја отстрани ранливоста во Западен Балкан и ќе ја намали можностите за руско мешање. Русија се обидува да ја поддржи опозицијата за поткопување на договорот, на што Грција одговори со протерување четворица руски дипломати“, се вели во резолуцијата.

    Сенаторот Марфи е од Демократската партија, а сенаторот Џонсон е од Републиканската партија.

    „Ништо нема да го запре Путин да предизвикува поделби меѓу земјите во Европа и на Балканот. Овој договор помага и за зацврстување на НАТО и на ЕУ, и ние сега мора да работиме заедно за да и покажеме на Русија дека нејзиното нелегално мешање во внатрешните работи на други земји нема да успее“, кажа Марфи пред Комитетот за надворешни работи.

    Резолуцијата за договорот меѓу Македонија и Грција е поддржана и од сенатори од двете партии: Крис Кунс, Марко Рубио, Едвард Марки, Џон Барасо, Џин Шахин и Џим Риш.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира