ВО АПТЕКА НИ СЕ ПОТСМЕВААТ КОГА КУПУВАМЕ КОНТРАЦЕПТИВИ, ВЕЛАТ МЛАДИТЕ, ВО МАКЕДОНИЈА 14 ОТСТО ОД БРАЧНИТЕ ПАРТНЕРИ КОРИСТАТ МОДЕРНИ СРЕДСТВА ЗА ЗАШТИТА

    ВО АПТЕКА НИ СЕ ПОТСМЕВААТ КОГА КУПУВАМЕ КОНТРАЦЕПТИВИ, ВЕЛАТ МЛАДИТЕ, ВО МАКЕДОНИЈА 14 ОТСТО ОД БРАЧНИТЕ ПАРТНЕРИ КОРИСТАТ МОДЕРНИ СРЕДСТВА ЗА ЗАШТИТА35 проценти од младите сѐ уште се потпираат на прекинување на сексуалниот однос како традиционална метода за спречување на бременоста. (Фото: К. Попов)

    Четиринаесет проценти од жените или нивните партнери кои се во брак или заедница, користат модерни методи на контрацепција. Кај жените кои не се во брак или заедница, 21 процент користат некаков вид модерна контрацепција, кажа денеска програмската раководителка од ХЕРА Драгана Каровска-Чемерска, пред почетокот на националната конференција ,,Младите и фармацевтите – заедно за достапна контрацепција”.

    Таа кажа дека во 2005 стапката на користење контрацепција била 9,8 проценти, а во 2021 е 14 проценти од кои 11 проценти е за користење кондом.

    „Уште повеќе разочарува и фактот дека повеќе од 35 проценти од младите сѐ уште се потпираат на прекинување на сексуалниот однос како традиционална метода за спречување на бременоста“, додаде Каровска-Чемерска.

    Марија Ѓорѓиевска, студентка на медицина и амбасадорка за младинско здравје, вели дека се нарушува приватноста на пациентите во аптека и младите имаат изгубено доверба.

    „Ограничени сме со достапни контрацептиви. Одиме во аптека, бидејќи е едно од најбезбедните продажни места, и те пречекува фармацевтка која смета дека е прифатливо шеговито да коментира за твојот сексуален живот во присуство на други луѓе. Тотално нарушување на приватност, отсуство на безбеден простор, никаква емпатија. Нормално дека повторно нема да се вратам во таа аптека и поради лошото искуство, ќе размислам дали воопшто во друга аптека да отидам. Исто е и со другите медицински професионалци, поради таа несензибилизираност која што владее, едноставно младите имаат изгубено доверба во нив. Потоа е многу тешко да се стекне одново. Но, не е невозможно“, вели Ѓорѓиевска.

    Според претседателката на Фармацевтската комора Весна Ставрова, фармацевтите се многу битна алка во синџирот на здравствени работници.

    „Секогаш нашите совети кон пациентите се во насока на превентивно лекување, во насока за подобар исход, од било кој третман во лекувањето. Нашите совети се од непроценливо значење. Така е и во делот на контрацептивната терапија, во делот на чувањето на сексуалното здравје, превенција од сексуално преносливи болести“, кажа Ставрова.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира