Судскиот процес за катастрофалниот пожар во дискотеката “Пулс” со 63 загинати млади луѓе и малолетници и со над 220 повредени, продолжи денеска во големата судница до затворот „Идризово”. На трети октомври истекува притворот на првообвинетиот Дејан Јованов, па неговата адвокатка денеска предложи судот да дозволи влез на нотар во затворот во Шутка и да завери гаранција во имот дека Јованов нема да бега од државата.
На газдата на незаконската дискотека „Пулс“, Јованов, регуларно му истекува притворот на трети октомври без оглед дали ќе даде гаранција.
Денеска обвинителите дополнително ги допрашуваа градежните вештаци чие сведочење, всушност, е костурот на обвинението против речиси сите 35 обвинети. Вештаците,цитирајќи законски одредби допрецизираа кај била вината на тројцата градоначалници кои изрично се противат дека имале надлежност и одговорност, но и на министрите за економија кои седат до нив на обвинителните клупи.
„Од 2012 година па наваму, имало шаренолики пријави за добивање лиценци за работа на ‘Пулс’, во смисла на исполнување на минимално-техничките услови (МТУ). Од документацијата се гледа дека биле Оставани празни полиња за податоците за тоа во чија сопственост е угостителскиот објект, дали е под закуп, дали има приод до објектот, излези дали има или нема, број на конзумни места, вентилација итн. Се се тоа безбедносни аспекти. Натаму, деклариран е простор од 300 метри квадратни за послужување. Тука не влегува површината за бина, шанкови и друго. Ова требало да биде доволен сигнал дека површината на објектот мора да биде поголема за да се пресметаат број на излези, вентилација, противпожарна заштита. Од ова зависат безбедносните апекти. Но, и покрај тоа што површината била поголема, во континуитет се издавале лиценци за кабаре”, прецизираше вештак каде е вината на обвинетите ексминистри за економија и надлежните од Министерството.
Судењето продолжува на почетокот на октомври.
С. К. ДЕЛЕВСКА



