ВО БРИСЕЛ НЕ ЧУВМЕ „НЕ“ ЗА ПОЧНУВАЊЕ ПРЕГОВОРИ, ПРИГОВОРИТЕ СЕ ЛЕСНО И БРЗО СОВЛАДЛИВИ, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ САСОЛИ ПО СРЕДБАТА СО ЗАЕВ

    ВО БРИСЕЛ НЕ ЧУВМЕ „НЕ“ ЗА ПОЧНУВАЊЕ ПРЕГОВОРИ, ПРИГОВОРИТЕ СЕ ЛЕСНО И БРЗО СОВЛАДЛИВИ, РЕЧЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ САСОЛИ ПО СРЕДБАТА СО ЗАЕВПретседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли рече дека прашањето ќе биде покренато во мај пред Европскиот совет и дека следи конференцијата во Загреб и дека се надева дека ќе има позитивна одлука. - Давид Сасоли и Зоран Заев (Фото: Ѓ. Личовски)

    Во Брисел немаше пораз и не чувме „не“ за почнување на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ, имаше застој, а владите на трите земји членки ги преиспитуваат своите ставови, рече претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли на прес-конференцијата во Владата со премиерот Зоран Заев. Тој рече дека очекува за неколку месеци да се смени одлуката, бидејќи сите во Европската Унија се за тоа Северна Македонија да го почне преговорите.

    „Имавме еден процес, односно едно барање да се почне процесот на пристапни преговори. Европскиот парламент, комисијата и советот беа за. Мнозинство на владите на последниот совет беа за, но доаѓаа приговори од влади на три земји членки и при тоа не доведоа до заклучок. Немаше негирање за почнување на преговори, но имаше условување дека нешто повеќе треба да се стори. Нашиот страв е дека овој процес може да запре. Тие приговори кои беа покренати од владите на трите земји може да се разгледаат. Одредени влади ги преиспитуваат своите ставови, имаше одлагање, но не одбивање на одлуката. Мислевме дека ќе ги надминеме тие приговори, оти не чувме никакво не. Чувме само одлагање и затоа тоа не е пораз, туку еден вид на застој во процесот“, рече Сасоли.

    Тој не даде конкретен одговор дали напредокот на Македонија и индивидуалните заслуги на земјата може да се разгледуваат одделно од оние на Албанија.

    „Постојат извесни процедури во пристапните процеси, може да бидат модифицирани. Европската Унија го состави овој пакет, ако процесот почнеше на инаков начин, ќе се искажевме на поинаков начин. Во овој момент не е можно и не е пожелно, но не значи дека не може да се видат одделно заслугите на двете земји и големото мнозинство, заслугите се признати и на Северна Македонија и на Албанија. Имаме задача да продолжиме по овој пат. И тие приговори од овие три влади ќе бидат лесно и брзо совладливи“, рече Сасоли.

    Тој рече дека прашањето ќе биде покренато во мај пред Европскиот совет и дека следи конференцијата во Загреб и дека се надева дека ќе има позитивна одлука.

    Според него, Европската Унија треба да го редефинира европскиот простор и прашањето на глобалните предизвици кои треба заеднички да се решат

    „ЕУ не е само е збир на сојуз на погодности, оти ЕУ е добар мотив да се покажат вредностите на слобода, демократија, независност. Постои опасност од надворешни сили кои се закануваат да се вмешаат во структурата на нашите земји, а тоа треба да го сотреме. Имаме заедничка судбина, од економски факти, животни стандарди но исто така и заеднички вредности. Заеднички да ја изградиме иднината на Северна Македонија“, рече Сасоли.

    Премиерот Зоран Заев рече дека Северна Македонија активираше огромна политичка енергија да ја врати земјата на патот на ЕУ и дека за тоа имале силна мотивација. Тој кажа дека непочнувањето на преговори дава простор за евроскептиците и дали унијата останува на своите политики. Тој рече дека земјата мора да продолжи со реформите, особено во делот на владеење на правото.

    „Веруваме во вредностите на ЕУ и веруваме дека вратата за нас ќе биде отворена наскоро. Претстојните дискусии во ЕУ со огромен консензус за проширување, заедно со промена на методологијата, особено со Франција и со ЕУ институциите да работиме на концепт кој ќе ги задоволи интересите на сите. Тој процес подразбира построг надзор, подготвени сме за тоа и сакаме да учествуваме во тоа, и да не се доведува во тоа прашање“, рече Заев.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира