ВО ДОСИЕТО НА 20-ГОДИШНИОТ ЈОВАНОВ КОЈ ЈА ПРЕГАЗИ ФРОСИНА НЕ ПОСТОИ НИ ПРЕКРШОЧНА ПРИЈАВА ОД МВР ЗА ТОА ШТО НА 16 ГОДИНИ ВОЗЕЛ И ПОВРЕДИЛ ЖЕНА

    ВО ДОСИЕТО НА 20-ГОДИШНИОТ ЈОВАНОВ КОЈ ЈА ПРЕГАЗИ ФРОСИНА НЕ ПОСТОИ НИ ПРЕКРШОЧНА ПРИЈАВА ОД МВР ЗА ТОА ШТО НА 16 ГОДИНИ ВОЗЕЛ И ПОВРЕДИЛ ЖЕНА„Согласно евиденцијата на судот, Васил Јованов кој сега е во притвор, не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела“, велат од судот. - Од денешниот протест пред Судот. (Фото: СДК.МК)

    Во денешната аргументација на Основниот кривичен суд Скопје дека 20-годишниот Васил Јованов, кој завчера ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, имал чисто досие, се наведува факт дека тој немал дури ни прекршочна пријава за тоа дека на 16 години со кола удрил жена.

    Настанот се случил во 2022 година, но повредената со лесни повреди се откажала од приватно кривично гонење на детето Васил Јованов. Обвинителството потенцираше дека и покрај тоа, останала прекршочна пријава од МВР, за недозволено управување со патничко моторно возило, од страна на 16-годишното дете, помлад малолетник.

    Според она што го тврди денеска Судот, од таа прекршочна пријава не останало ништо. До денеска не стигнало такво нешто во Судот за прекршоци, кој е под Основниот кривичен суд Скопје.

    „Согласно евиденцијата на судот, Васил Јованов кој сега е во притвор, не бил осудуван за друго кривично дело и не се водела друга постапка за други кривични дела. Исто така до овој момент до судот не е процесуирана друга кривична пријава, ниту пак прекршочна пријава од областа на Сообраќајот, а лицето е евидентиран, единствено како малолетник во 2021 година кога му е изречена судска опомена заради нарушување јавен ред и мир“, објаснува Судот зошто судијката која го судела за дрога во 2024 година, не видела дека обвинетиот и претходно бил во судир со законот.

    Апелациониот суд Скопје, пак, уште не одлучил по жалбата што ја поднело ОЈО Скопје за воспитно-поправната мерка за дилањето дрога на Јованов. Жалбата стигнала таму пред 2 месеца.

    „Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека во Судот е оформен предмет заведен под КЖ- 1047/24, а по повод изјавени жалби од обвинетиот В.Ј. од С. и Основното јавно обвинителство Скопје, против решението на Основниот кривичен суд Скопје со кое према обвинетиот В.Ј. од С. е изречена заводска мерка – упатување во Воспитно поправен дом – Тетово. Предметот во Апелациониот суд Скопје е примен на 07.11.2024 година, по заведувањето и извршена автоматска распределба, предметот е доставен до Вишото јавно обвинителство Скопје, согласно одредбите на Законот за кривична постапка, од каде е вратен во Судот на ден 27.11.2024 година“, кажа Апелациониот суд дека Вишото јавно обвинителство Скопје веднаш одговорило.

    Жалбената постапка е во тек, вели Апелациониот суд.

    Пред два дена Јованов, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло со 120 км на час, 22-годишната Фросина Кулакова додека таа минувала на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје, а вчера судија на претходна постапка му досуди 30 дена притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира