Сите кои биле во дискотеката „Пулс“ во Кочани која изгоре на 16 март, биле изложени на зголемена концентрација на јаглерод моноксид и детектирана покачена концентрација на карбоксихемоглобин, рече денеска директорот на Клиниката за токсикологија, д-р Андон Чибишев. Во пожарот загинаа 59 главно млади луѓе, меѓу кои и 6 деца, а биле повредени уште 197 лица од кои 25 деца.
Д-р Чибишев денеска рече дека според неговите информации, гореле материјали како пластика, текстил, сунѓер и при горењето ослободени се една голема група на отровни гасови. Тука доминира јагледорниот моноксид, јаглероден диоксид, сулфур диоксид, азотни оксиди и цијан водород.
„Се работи за отровни гасови кои може да предизвикаат сериозни нарушувања на здравјето, практично, на целиот организам. Таргет органи се бидат респираторните органи кои на почетокот веднаш доаѓаат во контакт со овие гасови. Меѓутоа, при труењето со овие гасови посебно со јаглеродниот моноксид и јаглеродниот диоксид, имаме нарушувања на централнот нервен систем на периферните нерви, срцето, бубрезите, белите дробови. Многу е важно колкава концентрација имало во моментот и колку време била изложеноста на тие гасови. Ние од прилика знаеме колку време биле изложени, но не ја знаеме концентрацијата. Таму никој не може во тој момент да измери. Во однос на карбоксихемоглобинот, тоа е практично еден спој на хемоглобинот во организмот и јаглеродниот моноксид. Тоа е тој карбоксихемоглобин кој се создава кога се внесува голема концентрација на јаглероден моноксид и бидејќи тој има 270 пати поголем афинитет кон хемоглобинот од кислородот, го зазема неговото место, а хемоглобинот знаеме дека е физиолошки пренесувач на кислородот и со тоа практично настанува блокада на дишењето, односно, блокада на размената на гасови. Настанува тежок недостаток на кислород во сите ткива на организмот. И последиците кои настануваат се заради тоа“, појасни д-р Чибишев.
Д-р Чибишев рече дека од 3 часот кога се случи несреќата на 16 март, до 21 часот, на Токсикологија биле донесени 2 пациенти, па потоа уште осуммина, и вкупно 20 пациенти проциркулирале кај нив. Од тие20, 13 се префрлени во други институции и во странство. Моментално имаат 7 пациенти на возраст од 19 до 38 години, а плус ќе кај нив ќе биде префрлен пациент од Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“.
Директорот кажа дека сите се во добра општа состојба, сите се клинички стабилни. Досега сите иследувања кои се прават по протокол, се негативни или задоволителни.
„Но, не сме задоволни од лабораториските и токсиколошките наоди, не се во рамките на референтни вредности. Остануваат до понеделник кај нас, ќе направиме дополнителни иследувања. Труењата со отровни гасови може да дадат подоцнежни компликакции кои ќе мора навреме да ги детектираме. Ваквите труења може да остават и хронични последици и сакаме да време да можеме да реагирамр, иако се надеваме дека нема да остават“, рече д-р Чибишев.
Во моментов, 162 лица се на лекување во болниците во Македонија, откако вчера 3, а денес 10 пациенти од скопските болници се пуштени на домашно лекување. Моментално во Клинички центар се хоспитализирани 25 пациенти, во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ се 12 пациенти, во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ 11 пациенти и во Клиничка болница Штип 1 пациент, а во приватните болници има 9 пациенти.
На лекување надвор од државата се 115 пациенти.
Б. НЕСТОРОСКА