ВО МАКЕДОНИЈА ПОРАНО СЕ ПОЧНУВА СО СЕКСУАЛНИ ОДНОСИ И МАЛОЛЕТНИЧКИТЕ ПОРОДУВАЊА СЕ ТРИПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ТИЕ ВО ЕУ, СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ НЕ СЕ ВОВЕДУВА

    ВО МАКЕДОНИЈА ПОРАНО СЕ ПОЧНУВА СО СЕКСУАЛНИ ОДНОСИ И МАЛОЛЕТНИЧКИТЕ ПОРОДУВАЊА СЕ ТРИПАТИ ПОВЕЌЕ ОД ТИЕ ВО ЕУ, СЕКСУАЛНО ОБРАЗОВАНИЕ НЕ СЕ ВОВЕДУВАПетнаесетина стручни лекарски здруженија, психолошки центри, невладини организации, потпишаа Декларација со која бараат воведување на сеопфатно сексуално образование како изборен предмет во 9-то одделение во основното образование, темелено на научни и медицински факти, соодветно на возраста на децата. (Фото: СДК.МК)

    И покрај препораките од Обединетите нации, Комитетот за економски, културни и социјални права, на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација, Македонија потфрли со воведувањето на сеопфатно сексуално образование, со што и натаму го става во ризик менталното и физичкото здравје на децата и малолетниците.

    Почнувајќи од 2019 година, требаше денеска во половина од училиштата сексуалното образование да биде воведено, а досега и да се обучеше наставен кадар за ова. Место тоа, сè остана на пилот проект во кој минатата година предавања од сексуално образование слушаа само 80-тина деветтооделенци.

    Идејата е поклопена од лажни вести дека децата ќе вежбаат сексуални акти, дека со овој изборен предмет ќе се сексуализираат, а не дека ќе се заштитат од несакана малолетничка бременост, несакано татковство на 13, на 15 , 16 години, сексуално преносливи инфекции, и дека сексуалното образование опфаќа дури и вештина како тие да избегнат да станат жртви на педофили на интернет-страниците за средби за секс.

    Петнаесетина стручни лекарски здруженија, психолошки центри, невладини организации, потпишаа Декларација со која бараат воведување на сеопфатно сексуално образование како изборен предмет во 9-то одделение во основното образование, темелено на научни и медицински факти, соодветно на возраста на децата.

    Во отсуство на сексуално образование, ситуацијата во Македонија е катастрофална. Според податоците на невладината Хера, бројот на малолетничките породувања е речиси трипати поголем од земјите на ЕУ. Младите кај нас се изјасниле дека релативно порано стапуваат во прв сексуален однос за разлика од своите врсници од западноевропските земји.

    Македонија е на едно од последните места во Европа по користење на современа контрацепција, со само 14 отсто од младите од 20-24 години. Натаму, 50 отсто од младите Албанци и 25 отсто од врсниците Македонци, прифаќаат дека мажот треба да биде авторитет во семејството, а жената да се насочи да раѓа, чува деца и готви, за сметка на напредок во кариерата.

    Без сеопфатно сексуално образование, кај нас младите од 15-18 години се најизложени на секаков вид насилство, а нивните врсници од ЛГБТИ заедницата, 4 пати повеќе.

    Сите овие податоци и статистики денеска во Скопје од невладината ХЕРА ги слушна и амбасадорот на Холандија Дирк Јан Коп, земја во која сексуалното образование е воведено децении и децении наназад, како и во повеќето западноевропски држави.

    „Воведувањето сексуално образование за Република Северна Македонија е обврска. Оваа 2022 година сексуалното образование требаше да биде изборен предмет во 50 0тсто од училиштата, но тоа не се случи. Во буџетот нема средства за ова, како што имаше ветено Владата. Требаше да има барем некакви резултати, за да се спроведе комплетно процесот до 2026 година, како што беше ветено. ЕУ сега почна скринингот на институциите и оваа обврска треба да се исполни. Нема да влезете во ЕУ ако не се откажете од старите навики и ако не се смени менталитетот“, беше директен холандскиот амбасадор.

    Рече дека не може само властите да штиклираат „…ова треба да се направи…“ и тука да застанат.

    „Постојано велите дека ЕУ ја тера Македонија да чека. Не, Северна Македонија нè тера нас да чекаме“, кажа Јан Коп.

    Колкава е важноста на сеопфатното сексуално образование во Холандија (модерното е ресетирано во 80-те години од минатиот век), зборува фактот што тоа е држава со најниска стапка на бременост на тинејџерки. Од 90-те години станува задолжително во образованието.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира