ВО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ ВЕЌЕ ИМА МНОГУ МАЛЦИНСТВА, МИСЛАМ ДЕКА НЕМА ДА СЕ САМОИЗОЛИРАТЕ, КАЖА РАМА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

    ВО МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ ВЕЌЕ ИМА МНОГУ МАЛЦИНСТВА, МИСЛАМ ДЕКА НЕМА ДА СЕ САМОИЗОЛИРАТЕ, КАЖА РАМА ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИПремиерите Еди Рама и Димитар Ковачевски на денешната заедничка владина седница во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вашиот устав има голем број на малцинства што се внесени, а тоа значи дека е тој еден веќе познат модел. Тоа не е некоја измислица во однос на уставите на нашата планета и тоа треба да се надополни, кажа албанскиот премиер Еди Рама на денешната прес-конференција со македонскиот колега Димитар Ковачевски по заедничката владина седница во Скопје.

    „Колку што знам, вашиот устав има голем број на малцинства што се внесени, а тоа значи дека е тој еден веќе познат модел. Тоа не е некоја измислица во однос на уставите на нашата планета и тоа треба да се надополни. Тоа е многу едноставно. Не знам колку ќе помогне, но сакам да ви кажам дека ние во Албанија имаме еден поинаков модел, но ние во Парламентот признаваме еден не мал број на малцинства, вклучувајќи го и бугарското малцинство, кое што има свое скромно присуство, ама постои во Албанија и не мислам дека сме станале некоја закана кон некое малцинство. Напротив, ние сметаме дека малцинствата се големо богатство, многу значајно. Во наш интерес е, не во нивни интерес, тие да се чувствуваат што подобро во нашата земја и да не чувствуваат дека постои разлика во однос на останатите граѓани, кои се граѓани Албанци, со албанска националност“, изјави Рама, одговарајќи на новинарско прашање за уставните измени за внесување на Бугарите во македонскиот устав, што е услов од ЕУ за продолжување на пристапните преговори по завршување на скринингот.

    Рама мисли дека уставните измени ќе бидат усвоени и земјата нема да се самоизолира.

    „Верувам дека народот тука е многу попаметен, како и секаде во светот, од политичарите и мислам дека нема да им го заборават сето тоа што се случува. Мислам дека Северна Македонија нема да се врати во минатото и да се самоизолира на неразбирлив начин, бидејќи фактички има една горделивост и за тоа сме сите сведоци на меѓународно ниво се гледа со многу голема почит. Се гледа со едно убедување од сите дека се направени епохални напори во однос на евроатлантскиот пат и тоа има големо значење за сите и за економијата, и за социјалниот развој, и за сите внатрешни процеси, така што мислам дека малку одложив, но за мене ќе биде фатално да имаме враќање назад, да бидеме затворени во историјата. Тоа што е минато е минато, а не треба да биде никаков проблем тоа што голем број на малцинства се вклучени во вашиот Устав. Мислам дека сето тоа е значајно и дека не треба да се остави барем никој, барем и еден да биде надвор од тој устав“, додаде Рама.

    Ковачевски, одговарајќи на истото прашање, кажа дека уставните измени сега зависат од 120-те пратеници во Собранието.

    „И ако ме прашате дали има доволно пратеници во Собранието, во Собранието има 120 пратеници, не 80, не 90, не 100, не 110. Во Собранието има 120 пратеници, кои сите имаат одговорност не пред мене, не пред Владата, тие имаат одговорност пред своите деца, пред децата на нивните пријатели, на нивните роднини да донесат одлука, со која што ќе им обезбедат иднина, која значи членство во ЕУ“, кажа Ковачевски.

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира