Претседателот Стево Пендаровски кажа дека земјата во наредните 40 до 50 денови влегува во период кој може да биде турбулентен, повикувајќи се на слични примери од нашето опкружување, кога државите беа на прагот на влегување во НАТО или ЕУ, по денешниот состанок на Советот за безбедност. На првиот состанок на Советот за безбедност под водство на Пендаровски не присуствуваше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, иако, како што кажа Пендаровски, тој бил уредно поканет.
„Темата на денешниот состанок на Советот за безбедност беше безбедносната ситуација во нашата земја и во регионот, така што моја задача беше да ги поканам сите оние кои мораат да бидат информирани за тоа што се случува на тој план. На средбата беше поканет и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Уредно поканет, со писмена покана. За жал, до овој момент немаме никаков повратен одговор за тоа зошто не присуствуваше на средбата. Заклучок на Советот за безбедност беше дека безбедносната ситуација е стабилна. Во наредните 40 до 50 дена влегуваме во еден временски период кој може да биде турбулентен. Зборувам за слични примери од нашето непосредно опкружување, кога државите беа на прагот да влезат во НАТО или Европската унија, а на некои структури, пошироко не само во нашиот регион, тоа не им одговараше“, кажа Пендаровски по состанокот во претседателската вила.
Во наредните неколку месеци се очекува да заврши ратификацијата на пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО во парламентите на сите земји членки, а во октомври ЕУ треба да донесе одлука околу датумот за почеток на пристапните преговори.
Покрај претседателот Пендаровски, членови на Советот за безбедност по функција се премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров. Назначени од Пендаровски, членови се Трајан Гоцевски, Ветон Латифи и Ненад Марковиќ. На покана на Пендаровски, присуствуваа и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски и заменик-началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин.