ВО ОКТОМВРИ ЈАВНА ДЕБАТА ЗА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ВО ИТНАТА ПОМОШ, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕ

    ВО ОКТОМВРИ ЈАВНА ДЕБАТА ЗА ЈАВНО-ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО ВО ИТНАТА ПОМОШ, НАЈАВИ ФИЛИПЧЕАнализата со Светска банка за потребниот број возила во сите служби на Итна медицинска помош покажале дека тој е доволен, но дека не е соодветно искористен, рече министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    За јавно-приватно партнерство во Итната медицинска помош во октомври ќе има јавна дебата кое од понудените решенија од физибилити студијата може да се примени, рече министерот за здравство Венко Филипче. Тој рече дека физибилити студијата ја разгледале и дека има повеќе опции, но пред да донесат одлука сакаат да направат јавна дебата со експерти и од економски аспект, но и со оние кои ги даваат здравствените услуги.

    „Во јавната дебата сакаме да ги вклучиме и давателите на здравствени услуги, пред сè службата за Итна помош од Здравствен дом Скопје, но и од останатите јавни здравствени установи во земјата, а потоа ќе донесеме одлука“, рече Филипче.

    Тој кажа дека од економски аспект јавно-приватно партнерство може да има логика, бидејќи така ќе се реши и проблемот со бројот на вработените, доктори, медицински сестри и да се вовед парамедикс, што е во согласност со европските стандарди.

    „Во исто време, сакаме да видиме дали и ние може да го направиме капацитетот до тој степен да обезбедиме континуитет во бројот на вработени, кој е најголемиот проблем. Тоа што веќе го презедовме да го подобриме системот е мерката за задолжителен стаж од шест месеци на младите лекари, и тие се распределени во службите за Итна медицинска помош, вакциналните пунктови и патронажните служби“, рече Филипче.

    Тој кажа дека направиле анализа со Светска банка за потребниот број возила за сите служби на итна медицинска помош.

    „Наидовме на интересен податок дека има доволен број на возила, па дури и не се соодветно искористени. Потребна е сериозна реформа и затоа така пристапивме кон ова прашање. Со заштедените пари од претходната набавка распишавме набавка за седум нови“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари