ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА НА ИНФОРМАТИВЕН РАЗГОВОР Е ПОВИКАН ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА КРЕШНИК БЕКТЕШИ

    ВО ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА НА ИНФОРМАТИВЕН РАЗГОВОР Е ПОВИКАН ЕКСМИНИСТЕРОТ ЗА ЕКОНОМИЈА КРЕШНИК БЕКТЕШИ„Во моментов со Бектеши се разговара, не  може да се споделува мотивот за неговото повикување на информативен разговор во полиција“, ни рекоа од МВР. (Фото: СДК.МК)

    Ексминистерот за економија Крешник Бектеши е повикан на информативен разговор во полициска станица Карпош. На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК за која околност е повикан и дали се смета директно одговорен за фалсификат лиценцата или за нешто друго околу работата на импровизираната дискотека во куќа во Кочани, во која ноќеска во пожар загинаа 59 лица од 14-25 години, од МВР ни одговорија кусо:

    „Во моментов со Бектеши се разговара, не  може да се споделува мотивот за неговото повикување на информативен разговор во полиција“.

    Вечерва, премиерот Христијан Мицкоски кажа дека нема да има милост за никого во оваа истрага за утврдување на одговорност за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ што изби за време на концертот на групата ДНК. Отфрли одговорност за градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов од ВМРО-ДПМНЕ, како и одговорност на директорот на Пазарниот инспекторат, за кого рече дека немал законска обврска да ја преиспитува фалсификуваната лиценца за работа на дискотеката „Пулс“ во Кочани.

    Претходно, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кажа дека од 20-ина сомнителни за трагедијата, 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница, повредени.

    Во болница се два члена на групата ДНК, син на сопственик на дискотеката и управителот, односно менаџер на дискотеката. Дел од приведените се луѓе кои имаат директна вина согласно доказите, односно, приведено е едно лице организатор на настанот и за него има сомнение дека има директна вина за овој настан.

    „Осомничен е поранешниот државен секретар на Министерството за економија, поранешен и сегашен раководител на сектор во Министерството за економија, поранешен директор на  Дирекцијата за заштита и спасување и уште три лица. Досега е обавен разговор со над 25 лица“, кажа Тошковски во попладневната прес-конференција.

    Тој одговори дека оваа фирма нема легална лиценца за работа.

    „И оваа, како и друга лиценца, како и многу други работи во минатото, е поврзана со корупција. Ќе одговараат тие што ја издале оваа нелегална лиценца за работа во 2024 година“, кажа министерот.

    Тој на новинарско прашање потврди дека градоначалникот, кој издава дозвола за работа по еден часот по полноќ, не е осомничен и кажа дека според законот, односно според тоа кој ги дава лиценците за работа на дискотеки и ноќни клубови, одговорноста е во секторите во Министерството за економија

    Тошковски кажа дека има 20 повредени малолетни лица и три починати. Четириесет и седум пациенти кои беа во критична и средно-критична состојба по пожарот ќе се лекуваат Грција, Бугарија, Србија, Хрватска и Турција.

    Согласно информациите на МВР и обвинителите, 250 карти се продадени, а во моментот на пожарот во диското имало 500 присутни. Дискотеката „Пулс“ е сместена во приземна куќа со еден прозорец на кој има решетки, и еден мал влез-излез. Дискотека е лоцирана во урбана средина меѓу куќи, во тесна и тешкодостапна уличка без паркинг. Колите на гостите се паркираат во околните улички и поради тоа улиците се недостапни за возила на брзата помош и противпожарната заштита.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира